вторник, октомври 27, 2026
Дома СВЕТ Драма по изборниот пораз на Болсонаро: Бразил проверува дали избегал во Аргентина...

Драма по изборниот пораз на Болсонаро: Бразил проверува дали избегал во Аргентина со лажен идентитет, Буенос Аирес демантира

0

Бразилската федерална полиција стапи во контакт со аргентинските власти за да ги провери информациите дека сенаторот Флавио Болсонаро, кој беше поразен на претседателските избори, го напуштил Бразил преку границата со Аргентина и планира со приватен авион да замине за Соединетите Држави.

Аргентинската влада, сепак, негираше дека Болсонаро влегол на нејзина територија, а нема ниту потврда дека тој го напуштил Бразил.

Овој сомнеж го изнесе аргентинскиот медиум „Инфобае“ (Infobae), кој објави информација за наводно преминување на границата со користење лажен идентитет. Според овој медиум, Флавио наводно отпатувал во Пуерто Игуазу, во провинцијата Мисионес, од каде што, наводно, требало да замине за Соединетите Држави со приватен авион.

Оваа информација предизвика акција од бразилските власти, со оглед на тоа што постои судска наредба со која на сенаторот му се забранува да ја напушти земјата. Извори од Федералната полиција потврдија дека контактирале со аргентинските власти за да проверат дали политичарот ја напуштил земјата. Според медиумот „Жовем Пан“, во моментов нема евиденција дека тој поминал низ кој било официјален бразилски граничн премин.

Во изјава за „Блумберг“, портпаролот на аргентинското претседателство, Фабијан Фернандез, изјави дека Флавио Болсонаро не влегол на територијата на Аргентина. Тој исто така негираше дека авион, кој одговара на описот пренесен од локалните медиуми, полетал кон Соединетите Држави.

Оваа изјава е во спротивност со информациите објавени од „Инфобае“ (Infobae), каде се тврдеше дека политичарот ја преминал границата и се подготвувал да ја напушти Аргентина со приватен авион. Сенаторот Рожерио Марињо, координатор на кампањата на Болсонаро, исто така ги демантираше овие наводи. Според медиумските извештаи, аргентинската полиција била контактирана рано наутро, но не понудила конкретни докази дека бразилскиот сенатор влегол во земјата.

Тројца други со него
„Инфобае“ објави дека летот бил закажан за поаѓање од Пуерто Игуазу во вторник, во 02:00 часот по локално време. Медиумот го идентификуваше авионот како „Галфстрим Г400“ (Gulfstream G400), со регистрациски број LV-JQW, кој е во сопственост на компанијата „Баирес Флај“ (Baires Fly). Според аргентинскиот медиум, авиокомпанијата побарала царинско и имиграциско одобрение за четворица патници и тројца членови на екипажот. Сепак, оваа информација не докажува дека Флавио бил меѓу патниците, ниту пак потврдува дека летот навистина се реализирал.

Засега нема официјална потврда дека тој ја преминал границата или дека се качил во авионот спомнат во извештаите. Шпекулациите се појавија откако Флавио Болсонаро во понеделникот (26 октомври) објави дека добил налог да ги предаде своите пасоши на Федералната полиција. Оваа мерка ја наложи судијата на Врховниот федерален суд (STF), Алешандре де Мораес, кој исто така му забрани на пратеникот да го напушти Бразил.

Одлуката беше донесена во неделата вечерта, по поразот на Болсонаро од Луиз Инасио Лула да Силва во вториот круг од претседателските избори. Со налогот беше одреден рок од 24 часа за предавање и на неговиот редовен и на дипломатскиот пасош. На Флавио, исто така, му е забрането да одржува контакт со адвокатот Вилер Томаз, кој е опфатен во истата истрага.

Во видеоснимка објавена на социјалните мрежи во понеделникот, сенаторот изјави дека ќе постапи според судскиот налог, но и дека има намера да ја оспори самата одлука. „Ќе ги предадам своите пасоши и ќе се бранам од оваа апсурдност, која претставува јасен обид за мое заплашување“, рече тој.

Во петокот, поранешниот конгресмен Едуардо Болсонаро, брат на сенаторот, за време на гостување во еден американски подкаст сугерираше дека Флавио би требало да го напушти Бразил доколку ги изгуби изборите. Оваа изјава беше поврзана со информациите за наводното заминување на пратеникот од земјата. Сепак, досега нема докази дека тој постапил според таа сугестија или дека отпатувал во странство.

ИЗДВОЕНИ