Еден од најдобрите кошаркари во историјата, Леброн Џејмс, и официјално е новиот кошаркар на Филаделфија, а неговата одлука да потпише двегодишен договор за ветерански минимум предизвика огромен интерес низ НБА. Четирикратниот шампион ќе заработува 3,88 милиони долари во сезоната 2026/27 и има опција од 4,07 милиони за следната сезона, што е драстично помалку од 52,6 милиони долари колку што заработуваше во Лос Анџелес Лејкерс.
Со овој потег, 41-годишниот Џејмс јасно покажа дека главната цел му е уште една шампионска титула, а не заработката. На социјалните мрежи порача дека ова е неговата „последна голема одлука“ и дека сè уште игра затоа што сака повторно да биде шампион.
Во негова одбрана застана и легендата на Лејкерс, Дерек Фишер, кој смета дека е погрешно да се тврди дека Леброн „брка прстен“.
- Не можете да кажете дека некој брка прстен кога тој е оној што ги создава шампионските прстени. Доаѓањето на Леброн ги зголемува шансите на Филаделфија да освои титула, изјави Фишер.
Ефектот од потписот на Џејмс веќе се чувствува и надвор од теренот. Според американските платформи за продажба на билети, интересот за натпреварите на Филаделфија експлодирал веднаш по официјалната потврда на трансферот.
Просечната цена на билетите минатата сезона изнесувала околу 68 долари, а најевтиниот билет за првиот претсезонски натпревар сега достигнува 283 долари. Уште поголем скок е забележан за дуелот со Бостон, каде што најевтиниот билет за помалку од еден час пораснал од 107 на дури 540 долари.
Иако сè уште нема одиграно ниту една минута во дресот на Филаделфија, Леброн Џејмс веќе предизвика вистинска еуфорија кај навивачите, а во тимот веруваат дека токму неговото доаѓање ќе биде последното парче од мозаикот во нападот на шампионската титула.











