Новата железничка станица во Скопје официјално е пуштена во сообраќај на 27 јули 1981 година. На тој ден, во 11:30 часот заминал последниот воз од Старата железничка станица, а во 12:35 часот на новата пристигнал првиот воз, со што и официјално почнала нејзината работа.
Пред 45 години, Скопје доби еден од своите најпрепознатливи симболи – Новата железничка станица, која е дело на прочуениот јапонски архитект Кензо Танге и претставува вистинско архитектонско ремек-дело. Изградена како масивен бетонски мост со 10 колосеци издигнати над градските улици, таа во тоа време беше нешто што ретко се гледаше: објект што со своите изглед и концепт беше далеку пред своето време.
По катастрофалниот земјотрес во 1963 година, новото Скопје се градеше со визија за иднината, а токму Железничката станица стана еден од најсилните симболи на тој нов почеток. Во тогашна Југославија немаше друга железничка станица со ваков модерен дизајн и урбанистичко решение, па затоа и денес важи за едно од најзначајните архитектонски достигнувања од тој период.

И по четири и пол децении, низ неа секојдневно минуваат илјадници патници, а таа останува нем сведок на безброј заминувања, враќања и животни приказни. За многумина, ова не е само железничка станица.
По неодамнешните случувања и укажувањата за нејзината состојба, надлежните веќе издадоа налог за нејзина реконструкција. Очекувањата се дека со претстојната обнова ќе се зачува ова значајно архитектонско наследство, кое ќе добие побезбедни и подобри услови за сите патници, задржувајќи ги својот препознатлив изглед и историската вредност за идните генерации.
(С. Бл.)












