петок, август 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Контроли и во вечерните часови, за викендите и во неработните денови

Контроли и во вечерните часови, за викендите и во неработните денови

14

Поради зачестените пријави од граѓаните и зголемениот број евидентирани прекршоци во повеќе области, Општина Битола, како и минатата година, повторно воведува секојдневни дежурства на општинскиот Инспекторат и надвор од утврденото работно време.

Со оваа одлука, инспекторите ќе бидат активно присутни на терен во текот на работните денови, како и во текот на викендите и на неработните денови. Дежурствата ќе опфаќаат вонредни контроли и обиколки на територијата на целата општина Битола, со цел навремено да се констатираат и спречат незаконски и прекршочни постапувања.

– Засилените контроли ќе се однесуваат на областите како што се градежништвото, комуналните дејности, јавната чистота, како и несовесното постапување со јавните добра. Особено внимание ќе им се посвети на појавите што ги нарушуваат јавниот ред и квалитетот на животната средина – соопштија од Општина Битола.

Оттаму додаваат дека граѓаните може да го информираат општинскиот Инспекторат за затечени неправилности, несоодветно однесување или за други појави од надлежност на инспекциските служби на дежурниот телефонски број 075 388-797.

Целта на воведувањето на дежурствата е превентивно делување и навремено постапување при сите нерегуларности, недоследности и незаконитости на територијата на Општина Битола.

– Со оваа мерка, Општина Битола останува доследна на спроведувањето на законските одредби и на навременото решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните – потенцираат од локалната самоуправа.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ