четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА КОНСТИТУТИВНИОТ АКТ НА ДРЖАВАТА ОСТАНУВА НЕДОПИРЛИВ И ЗА ПОТРЕБИТЕ НА УСТАВНИОТ СУД:...

КОНСТИТУТИВНИОТ АКТ НА ДРЖАВАТА ОСТАНУВА НЕДОПИРЛИВ И ЗА ПОТРЕБИТЕ НА УСТАВНИОТ СУД: Мицкоски: Уставот нема да се отвора, не се исполнети политичките услови

Премиерот го поддржува носењето на посебен закон за Уставен суд и воведување на институт уставна жалба, но тоа ќе мора да чека бидејќи не е соодветен момент за уставни промени

642

Конститутивниот акт на државата нема да се отвора и менува и за потребите на Уставниот суд за да се донесе специјален и посебен закон за него и да се воведен нов институт каков што е уставна жалба. Причина за тоа е неисполнувањето на политичките услови за една таква промена и за што е неизвесно кога би можеле да се создадат. Ваква порака денеска испрати македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, откако присуствуваше на дебатата одржана во Уставниот суд посветена на можностите за воведувањето на новиот институт уставна жалба. Во дебатата, не само што се спомна потребата да се воведе нов вид жалба со која ќе се прошират можностите за заштитата на граѓанските права и слободи, туку и потребата за посебен закон за Уставен суд бидејќи сме единствената европска земја која нема таков законски акт.

Патот до вакви промени, како што беше кажано, води преку отворањето на Уставот и менување на одредбите во него. Но, премиерот, и покрај разбирањето на ваквите потреби, порача дека, сега за сега, промените во Уставот не се можни бидејќи не се исполнети политичките услови за такво нешто.

– Законот за Уставниот суд и уставната жалба секако дека се потребни, но за тоа е потребна промена на Уставот и кај нас тоа е болна тема и кога ќе се спомне тоа, нè потсетува на болни работи од минатото… Апсолутно се согласувам со уставната жалба, но најдобро е да се создадат услови за промена на Уставот за да не ја вознемириме и така вознемирената јавност. Во моментот, Владата не размислува за отворање на Уставот и политичките услови за тоа не се исполнети. Но, покрај владеење на правото, мора да се има разбирање и за општествените текови и процеси – изјави вчера Мицкоски.

Да се чека на создавање услови

Премиерот не објасни детално на кои сè политички услови мисли, а чие исполнување се чека. Односно, дали мисли на надминувањето на проблемот со барањата за внесување на Бугарите во Уставот за да се деблокира евроинтегративниот процес на нашата земја. Врзано со промените условени со потребите на Уставниот суд, тој рече дека проблемот е многу стар.

– Промена на Уставот е политичка тема. Во случајов, вклучува правна тема, односно потребата Уставниот суд конечно некако да добие своја тежина во самиот Устав. Замислете, Уставен суд нема своја тежина во самиот Устав. Од првиот момент на нашето осамостојување како држава па до денес, ова се провлекува. И сега ние сме дојдени до ситуација кога тоа што претставува товар на минатото, треба да го решаваме и ќе го решиме кога ќе се создадат политички услови. Сега, во моментот, не се создадени такви политички услови. Еве, да бидам попрецизен. Претпоставуваме дека Уставниот суд веќе размислува како приближно би изгледала архитектурата на специјалниот закон. Се надевам дека набргу денеска може да се излезе со таков предлог-закон, да се има јавна дебата, да се чуе мислењето на јавноста и на стручната фела, да има готов документ и кога ќе има политички услови за такво нешто, да биде донесен, во моментот Владата не размислува за отворање на Уставот – рече Мицкоски.

Носењето на посебен закон за Уставен суд и воведувањето на уставна тужба се стари барања кои се упатуваат од бројни генерации на уставните судии. Уставната жалба е специфично правно средство со кое граѓаните, а во некои системи и правните лица, имаат право пред Уставниот суд да бараат заштита на основните права и слободи, гарантирани со Уставот, како највисок правен акт. Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, рече дека имаат заеднички став со премиерот дека се неопходни институционални реформи и дека треба да се создадат услови за таквите реформи.

– За воведување на уставна тужба е неопходно уставна измена. Значи, само со уставна измена може да се воведе таква надлежност на Уставниот суд, бидејќи Уставниот суд на Македонија е единствениот на европската почва што нема закон за уставен суд. Значи, шест уставни одредби и акт на судот. Толку. Правната рамка е таа. Неопходно е тие шест уставни одредби да се операционализираат со закон, но не каков било закон. Двотретински закон за да ја гарантира самостојноста и независноста, но и за тоа е потребна уставна измена. Затоа, конечниот заклучок, барем според мене, е дека кога ќе се создадат услови, тогаш и ќе пристапиме кон таква институционална реформа – нагласи Костадиновски.

Длабок јаз меѓу иницијативите дома и пред Судот во Стразбур

Тој додаде дека прашањето не е дали треба да се вгради уставната жалба, туку кои слободи и права загарантирани со Уставот треба да добијат директна непосредна уставно-судска заштита.

– Во одредени периоди во минатото, Уставниот суд не ја остваруваше секогаш својата уставна улога, онака како што уставотворците го поставиле – рече Костадиновски.

Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, рече дека е важно за фундаменталните реформи да одат рака за рака.

– Уставниот суд не е само уште една институција, туку е вистински бранител на правото и заштитник на правата на луѓето и неговата независност и суверенитетот се клучни. Во ЕУ-системите имаме разни пристапи и не е прашање за еден модел, но сакаме да имаме иста цел – луѓето да имаат исти права и пристап до уставна правда во ситуација кога нивните права се загрозени – изјави Рокас.

Килиан Вал, амбасадор на Мисијата на ОБСЕ во Македонија, пак, рече дека уставната тужба не само што ќе ги доближи уставните права до граѓаните туку ќе ги гарантира и нивните права.

– Во последниве десет години, до Уставен суд имаше само 75 иницијативи од таа област но до Меѓународниот суд за човекови права имаше околу илјада апликации. Тоа е голем јаз. Судот треба да ја зајакне улогата на заштитник на правата на граѓаните и уставната жалба е дел од оваа еволуција – рече амбасадорот Вал. (Б. Ѓ.)

 

 

ИЗДВОЕНИ