Со оглед на нашата огромна традиција во градителството, но и бурните историски периоди низ кои поминало Скопје, а во кои се споменуваат и видни масонски имиња, слободното ѕидарство е особено присутно на старите градби. Започнувајќи од 19 век во црквата „Рождество на Пресвета Богородица”, црквата „Св. Спас”, хотелот ,,Бристол” и македонското Собрание 

Многу малку е пишувано за масонските симболи и ложи во Скопје, но истражувачите велат дека ги има на многу места. Според професорот по филозофија и магистер по менаџмент на човечки ресурси, Огнен Коцевски, син на познатиот скопски хроничар Данило Коцевски, слободното ѕидарство е особено присутно, со оглед на, како што вели, нашата огромна традиција во градителството, но и бурните историски периоди низ кои поминал градот, а во кои се споменуваат и видни масонски имиња. Започнувајќи од 19 век во црквата ,„Рождество на Пресвета Богородица”, црквата ,,Св. Спас”, хотелот ,,Бристол” и Собранието на Република Македонија, па сè до оформувањето на првата регуларна Голема ложа на Македонија во 2005 година.

 ЦРКВАТА „РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“, НАЈКАРАКТЕРИСТИЧЕН ПРИМЕР

-Најпознатиот и најкарактеристичниот пример го среќаваме во црквата „Рождество на Пресвета Богородица”. Нејзиното градење го започнал Андреј Дамјанов од семејството Рензовци, а по неговата смрт ја завршиле неговите синови во 1835 година. За творештвото на овие наши мајстори се врзуваат симболи карактеристични за масонеријата како: аголникот, триаголникот и шестарот. Од источната страна на денешниот храм посветен на Пресвета Богородица во Скопје, една орнаменталната розета се наоѓа во средишниот дел помеѓу два триаголника. Се разбира, христијанските симболи не треба да се мешаат со масонските, иако и едните и другите често инсистираат на единството со Бога и бесмртноста на душата. Се нагласува и одреден степен на толеранција, особено во православието – наведува Коцевски.

Тој додава дека слободните ѕидари често ги употребувале токму амблемите на масонеријата, понекогаш и затскриено, без знаење на нарачателот на градбата.

– За непосветените, тие симболи биле обична орнаментика – нагласува Коцевски.

Нагласува дека како масонски симбол, честопати се наведува и зградата на македонското Собрание, особено неговата петаголна основа и конструкција.

– Петаголникот значи и огнена ѕвезда. Бидејќи зградата била седиште на бановина, таа ја инкарнирала моќта на тогашната власт. И некои од прозорците во Парламентот се прицврстени со оков чии лајсни образуваат триаголници, односно шестокрака ѕвезда, исто така масонски симбол – смета Коцевски.

Според него, сочуваните раскошни куќи од старите скопски маала и денес се пребогати со орнаментика која честопати е таинствена и загадочна.

– Една од овие куќи и денес постои во Маџир Маало, во близина на Новата железничка станица. Пред оваа куќа бил извршен атентатот на народниот пратеник Хаџи Ристиќ, кој исто така се смета за познат масон – раскажува Коцевски. Притоа продолжува и нагласува дека атентаторот бил забележан како бега покрај Вардар.

Исто така, како што истакна Коцевски, масонски знак има и на уште една куќа покрај Вардар, а тоа е куќата на доајенот на македонското сликарство, македонскиот уметник Лазар Личеноски.

– На еден од ѕидовите што гледа кон Вардар, на мозаиците е втиснат масонски печат: аголник и шестар до кој е напишано следново: „Чесен труд, низ векови создаде култури и цивилизации, мајсторство на вистински човек” – изјави Коцевски.

И Старата скопската чаршија, како што вели тој, е извор на симболи, неистражени тајни и знаци меѓу кои и масонски.

– На еден дуќан кој потекнува од крајот на 19 век над влезот, покрај карактеристичните арки од тоа време е врежана Огнената ѕвезда на просветлението! Сега дуќанот е реновиран, но интересно е што на мајсторите од старите еснафи во Чаршијата не им бил туѓ масонскиот јазик, вклучително и оној на „чиракот и калфата”, но и на повисокиот мајсторски степен – нагласува Коцевски.

Со вакви симболи изобилува и црквата „Свети Спас“, која се смета за најстара во Скопје, додека фрескоживописот заедно со резбата се уникатни во светски рамки.

– Неодамна на сводот на црквата внатре забележав една ретка претстава. А тоа е фреската на Бог Отецот, кој наместо аура околу главата, има триаголник! Во раката го држи светот – Земјината топка, а ваквите претстави на Бог Отецот се ретки во Македонија. Тоа е Великиот мајстор или Големиот архитект на универзумот, кој светот го создал со мера, мудрост и знаење. Околу него се ангелите или новите членови кои се иницираат во ложата. Триаголникот е близок до толкувањето на тројството или трите аспекти на Бога, како божја волја, мудрост и ум. Но, тоа не е сè. Пред самиот влез во црквата постои една загадочна мермерна плоча – сончева розета, чии краци се шират радијално во форма на искри. Сончевата розета е често употребуван симбол во старомакедонската црковна уметност, но пламените јазици се симбол на морално усовршување и напредување во повисоките степени во масонската ложа – објаснува Коцевски.

И историчарите на уметноста меѓу двете светски војни во црквата „Рождество на Пресвета Богородица” забележале украс на плафонот кој претставувал „елипса исполнета со брановидни зраци кои се шират поаѓајќи од „Окото Господово“.

Коцевски објаснува дека овој симбол е близок до масонското Севидливо око кое го претставува Божјото сезнаење, како изострен вид, видовитост, како Око кое никогаш не спие!

– Црквата, за жал, престана да постои во 1944 година, кога окупаторите ја запалиле до темел, откако претходно биле ограбени сите нејзини светии и богатства. За денес да ја имаме повторно, благодарение на нејзиниот возобновител, бизнисменот Трифун Костовски – нагласува тој.

Исто така, хотелот „Бристол“ се смета за место во кое имало масонска ложа.

– До неодамна, хотелот беше едно од седиштата на ротаријанските масони. Хотелот е изграден во 1923 година, а веќе во 30-тите години во градот биле присутни ложи од другите држави кои дејствувале на нашиве простори. Во една просторија и денес водат карактеристични „кружни скали“, кои се исто така масонски симбол, како напредување од незнаење кон знаење, од темнината кон светлината – опишува Коцевски.

Тој вели дека за седиште на масоните се смета трговскиот центар „Зебра“, на кој од предната страна има аголник и шестар. Дава уште еден интересен податок, според кој, во Скопје меѓу двете војни дејствувал масонскиот венец „Косово“, кој подоцна прераснал во ложа, а членови биле Македонци, Власи, Срби.

– Од списокот може да се види дека во неа членувале видни скопјани: Димитрие Мацура, Јосиф Михајловиќ (градоначалник), Ѓорѓе Папатеодоси, Бранко Галиќ. Покрај нив, во Скопје живееле масони, видни личности, како што биле комедиографот Бранислав Нушиќ и Андрија Штампар, основач на скопскиот Хигинески завод по Првата светска војна, кој имал и лични врски со Рокфелеровата фондација. Во поново време, во 2018 година, Големата ложа на Бугарија во Скопје свечено ја внесе големата Светлина – раскажува Коцевски.

МАСОНИ МЕЃУ ИЛИНДЕНЦИТЕ

Масони имало и меѓу Илинденците, нагласува тој.

– Иако е тешко да се докаже нивната масонска приврзаност, се смета дека Даме Груев, Мише Развигоров, Тодор Александров, Александар Протуѓеров, Павел Шатев биле познати масони. Тогаш во Солун дејствувала познатата масонска ложа – Macedonia Risorta, во која членувале и Ќемал Ататурк и Талат Паша! Симболите на македонското револуционерно движење, камата и револверот, пред кој се заколнувале илинденците, имаат многу сличности со аголникот и шестарот. Тие се под ист агол, а процесот на заколнување е речиси ист. Новиот член ја става раката на камата, револверот и светото писмо, додека ја изговара заклетвата Слобода или смрт! На сличен начин, и новите членовите на ложата се иницираат така што раката ја ставаат на аголникот шестарот и светото писмо. Шестарот го доближуваат до срцето како симбол на крвавење, но и верност. Се заколнуваат дека тајните на братството нема да бидат издадени, а доколку се случи тоа, „да бидам убиен од камава и револверот што ги целивам”. Токму ваквото жртвување и верност за идеалите за слобода е она што ги поврзува илинденците со масоните. Слободата не може да постои без жртва или можеби така мислиме? –  заклучува Коцевски.

Слободни ѕидари, масонство или масони е братска организација што се појавила кон крајот на 16 и почетокот на 17 век. Масоните денес постојат во различни видови низ целиот свет, со членство од околу пет милиони луѓе (вклучувајќи околу 480.000 во АнглијаШкотска и Ирска, и нешто помалку од два милиони во Америка).

Сите видови масони ги делат истите морални и метафизички идеали, кои во најголем број случаи вклучуваат изјава за верување во Бог.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ