недела, септември 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Возач на висок владин функционер фатен со мито

Возач на висок владин функционер фатен со мито

Барал 1.500 евра за да среди работа во Град Скопје – возач на висок владин функционер во притвор

0

Вработен во Службата за општи и заеднички работи на Владата е во притвор откако, според Обвинителството, од граѓанин побарал 1.500 евра за да му помогне да се вработи како пожарникар во Град Скопје.

Станува збор за лице кое работело како возач на висок владин функционер. Против него е отворена истрага за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.

Случајот бил пријавен од граѓанинот, по што Единицата за корупција при Бирото за јавна безбедност, во координација со јавен обвинител, презела дејствија за обезбедување докази.

Според Обвинителството, осомничениот во периодот од 24 јули до 4 септември годинава побарал 1.500 евра, ветувајќи му на граѓанинот дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје за негово вработување по огласот за прием на пожарникари.

На 4 септември, осомничениот бил затекнат при примопредавање на 500 евра, како дел од договорената сума. Парите претходно биле обележани.

Обвинителството проценило дека постои опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоци, како и ризик да го повтори делото, поради што побарало притвор.

Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот и му определил 30-дневен притвор.

Од Обвинителството нагласуваат дека пријавувањето на ваквите случаи од страна на граѓаните овозможува навремена реакција и обезбедување докази. Ги повикуваат граѓаните да пријавуваат барања за поткуп и противзаконито влијание.(П.А.)

ИЗДВОЕНИ