Пожарот кај Стенковец и понатаму е активен, а во неговото гаснење се ангажирани екипи на скопската Противпожарна бригада, кои се на терен и работат на негово локализирање.
Во меѓувреме, попладнево избиле уште два пожари на отворен простор – едниот на територијата на Кондово, а другиот во Општина Ѓорче Петров. Надлежните служби се на терен и интервенираат за да спречат понатамошно ширење на огнот.
Пожарите, но и чадот кој се шири во воздухот, вечерва создаваат сериозни проблеми за жителите на Скопје. Во повеќе делови од градот се чувствува силен мирис на чад, а граѓаните велат дека воздухот е тежок и непријатен за дишење.
Иако температурите попладнево и навечер почнаа да се намалуваат и конечно пристигна мало освежување, скопјани тешко можат да го искористат за вечерна прошетка. Наместо пријатна вечер, во делови од градот се чувствува чад кој предизвикува печење во грлото и очите.
Многу граѓани ги држат прозорците затворени за да спречат чадот и непријатната миризба да навлезат во домовите.












