четврток, јуни 4, 2026
Дома КУЛТУРА Концерт на Национален џез-оркестар со Мајк Холобер, џез-композитор и диригент

Концерт на Национален џез-оркестар со Мајк Холобер, џез-композитор и диригент

54

Еден од најреномираните современи џез-композитори и диригенти, Мајк Холобер, на 18 март ќе настапи со Национален џез-оркестар, претставувајќи го својот најнов и исклучително значаен проект „This Rock We’re On: Imaginary Letters“. Концертот ќе се одржи во Национална опера и балет со почеток во 20:00 часот, под диригентската палка на самиот автор.

Мајк Холобер е препознатлив по својата виртуозност, изразена оркестарска визија и длабока музичка чувствителност.

Неговиот проект „This Rock We’re On: Imaginary Letters“ е оценет како „монументално ремек-дело“ и „мајсторска лекција по композиција за џез оркестар“. Во ова дело, Холобер создава впечатлив спој на два музички света, вметнувајќи ја суптилната естетика на современата класична музика, нагласена преку интимната камерна звучност на виолончелото, пијаното, вибрафонот и вокалот, во моќната и динамична енергија на биг бендот.

– Делото претставува длабока уметничка рефлексија за убавината на природата и за судбината на планетата. Конципирано е како циклус од таканаречени „замислени писма“ посветени на писатели, уметници и активисти кои својот живот го поминале во восхит и грижа за планетата. Секое писмо е проследено со инструментална оркестарска интерпретација што ја продлабочува и музички ја отсликува неговата содржина и поетска димензија, посочуваат од Националниот џез-оркестар.

Гости солисти на концертот ќе бидат Андријана Јаневска (вокал), Кирил Јосифов (виолончело) и Влатко Нушев (вибрафон и перкусии).

Овој концерт претставува исклучителна можност за непосредна средба со едно од најзначајните современи остварувања за џез-оркестар, во изведба на Националниот џез-оркестар и под Холобер како диригент.

Фото: Дарил Естрајн, на Википедија

ИЗДВОЕНИ