Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен директно да разговара за територијалните прашања со рускиот претседател Владимир Путин, со цел да се стави крај на војната, изјави министерот за надворешни работи Андриј Сибиха, пренесува „Киев пост“ (Kyiv Post).
Во интервју за финскиот весник „Хелсингин саномат“ (Helsingin Sanomat), по дводневната посета на Финска, Сибиха потврди дека Киев координирал телефонски разговор во кој учествувале Путин, финскиот претседател Александар Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе. Нордиските лидери му пренеле две клучни пораки на Путин: барањето на Украина за прекин на огнот и предлог за директна средба меѓу Зеленски и Путин.
„Ние ја сакаме оваа средба и сме подготвени за неа“, рече Сибиха. „Средбата меѓу Зеленски и Путин е веројатно единственото нешто што може да доведе до пробив во преговорите. Зеленски е подготвен да разговара за најтешките и најчувствителните теми, вклучително и прашањето за територијата.“
Тој додаде дека директните разговори би можеле да доведат и до мерки за градење доверба, како што се размена на затвореници и враќање на украинските деца киднапирани од Русија. За Киев, локацијата на средбата не е од клучно значење – под услов таа да не биде во Москва или во Белорусија – истакна Сибиха, шегувајќи се дека и Северна Кореја е исклучена. Тој ја отфрли поканата од Русија, Зеленски да ја посети Москва, оценувајќи ја како несериозна.
„Проценуваме дека овој повик претставува чекор напред во мировните напори“, рече Сибиха, изразувајќи надеж дека каналот за комуникација со Путин ќе остане отворен. Тој ја отфрли можноста за нанесување стратешки пораз на Русија до 2030 година, опишувајќи ја како „тешко остварлива“.
За време на 90-минутниот разговор, исто така беше потврдено дека се очекува во ноември во Абу Даби да продолжат трилатералните разговори меѓу Украина, САД и Русија. „Овие разговори ќе покажат дали Русија има сериозни намери да стави крај на војната преку дипломатски средства“, изјави Сибиха, напоменувајќи дека Киев во моментов не гледа никакви знаци за такви намери.
На прашањето дали Путин изнел некакви значајни тврдења, Сибиха одговори: „Во најмала рака, до разговор сепак дојде“. Разговорот наиде и на критики од некои европски претставници; Стуб и Сторе појаснија дека постапувале во име на своите земји, а не во име на Европа. Сибиха објасни дека иницијативата била резултат на заедничка одлука со Киев да се искористат сите достапни дипломатски канали. Тој ја повика Европа да преземе позначајна улога во преговорите и да настапува со единствен став.
Според Сибиха, блиските односи на Стуб и со американскиот претседател Доналд Трамп и со Зеленски веќе му обезбедиле важна улога – а сега, финскиот претседател од прва рака го слушнал и ставот на Путин. На прашањето дали Стуб би можел да ја претставува Европа во мировниот процес, Сибиха одговори дека за тоа треба да одлучат лидерите на ЕУ, додавајќи: „Зошто да не?“












