Драмскиот театар Скопје првиот дел од сезоната во која ја прославува 80-годишнината од постоењето, ја заокружува со изведба на претставата „Чудесна терапија“ на 16 јуни (вторник) во 21 часот на отворено во центарот на градот.
-Граѓаните и посетителите на главниот град претставата ќе може да ја гледаат бесплатно на локацијата на малиот амфитеатар во комплексот на спомен-куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“ во Скопје, соопштуваат од Драмски.
„Чудесна терапија“ е работена по текст на авторот Даниел Глатауер. Режисер е Димче Николовски, драматург Александра Бошковска, костимограф е Раде Василев.
Улогите ги играат актерите на Драмски: Предраг Павловски, Маја Вељковиќ-Пановска и Соња Стамболџиоска.
„Претставата ʻЧудесна терапија’ се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска. При тоа, безусловно сме свесни дека во комуникациската еволуција, човештвото има уште многу етапи што треба да ги совлада. Комуникацијата е универзална способност на секој човек. Но, дали знаеме вистински да комуницираме? Се чини едноставно, но во врска, сакале или не, сѐ станува комплицирано. Понекогаш и до бескрај. Разговорот знае да прерасне во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, да роди нов, поголем проблем“, посочува драматургот Александра Бошковска за претставата.
„Чудесна терапија“ премиерно е изведена во мај 2019 година и до сега има 55 изведби од кои десетина гостувања биле на театарските фестивали во Македонија и во земјите од регионот. Поради универзалноста на темата и бравурозната изведба на актерската екипа, комедијата има одличен прием и актерите добиваат силни аплаузи како израз на задоволство на театарската публика.












