Македонија и Црна Гора ја продлабочуваат соработката во транспортот, туризмот и во економијата, а прв конкретен чекор е воспоставувањето директна авионска линија меѓу Скопје и Тиват. Линијата ќе почне да функционира на 1 мај следната година, со два лета неделно. Ова го најави вицепремиерот Александар Николоски по билатералната средба со потпретседателот на Владата на Црна Гора, Филип Ивановиќ.

Според Николоски, новото авиоповрзување треба да ја зголеми размената на патници, да го поттикне туризмот и да отвори нови можности за бизнис-соработка меѓу двете држави.

– Се надевам дека сериозно ќе придонесе не само за зголемување на бројот на патници и на размената помеѓу двете држави туку и за развој на туризмот и на бизнисот – истакна Николоски.

Дополнително, двете влади разговараат за воспоставување авионски линии Скопје – Подгорица и Тиват – Охрид. За следната година е планирано и организирање бизнис-форум на кој компаниите од двете земји ќе може да воспостават контакти и да разгледаат можности за заеднички инвестиции и за економски проекти.

На средбата значајно место зеде и инфраструктурното поврзување, особено изградбата на автопатот Скопје – Блаце. Николоски посочи дека со овој патен правец Македонија ќе добие подобра транспортна врска со пристаништето Бар во Црна Гора, покрај постојните врски со Солун и со Драч.

ИЗДВОЕНИ