Шеесет и четиригодишна жена од Нов Загреб била измамена за неколку стотици илјади евра откако наседнала на лажна, но навидум профитабилна инвестициска понуда, соопшти загрепската полиција.
Според полицијата, во периодот помеѓу мај и 28 октомври, жената пристапила до финансиска платформа, по што ја контактирало непознато лице кое ѝ понудило можност за инвестирање, ветувајќи финансиска добивка. Жената уплатила средства, а вкупната штета се проценува на неколку стотици илјади евра.
Таа ја пријавила измамата на 29 октомври, а полицијата во моментов спроведува криминалистичка истрага.
Од полицијата предупредуваат дека измамниците често нудат инвестиции во акции, обврзници, криптовалути и благородни метали, ветувајќи брза и голема заработка. Тие ги советуваат граѓаните да бидат претпазливи во однос на непобарани понуди и ветувања за загарантирана добивка, како и темелно да ги проверат информациите пред да донесат каква било одлука за инвестирање.
Понатаму, предупредуваат дека лицата кои веќе станале жртви на измама може повторно да бидат цел на истите или на други измамници, бидејќи нивните лични податоци може да бидат споделени или продадени на други сторители.












