понеделник, јуни 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Македонците шокирани од цените на Јадранот, во Црна Гора лежалки 25 евра,...

Македонците шокирани од цените на Јадранот, во Црна Гора лежалки 25 евра, во Хрватска за седум дена 3.700 евра

Во Будва, која традиционално е една од омилените дестинации за македонските туристи, цените на плажите се повисоки од лани. До неодамна, на дел од плажите лежалките беа бесплатни со задолжителна консумација, но од оваа сезона најчесто се наплаќаат одделно. На дел од плажите, лежалките достигнуваат и до 25 евра. Иако многумина избираат апартманско сместување за да заштедат на храна, не е така, бидејќи цените во маркетите во Црна Гора се изгор. Од друга страна, Хрватска е уште поскапа, така што семеен одмор може да ве чини и до 3.720 евра

252

Додека голем број Македонци ги прават последните подготовки за летниот одмор, прашањето што најмногу ги интересира е колку пари ќе им бидат потребни за седум до десет дена на Јадранот. Според искуството на Македонка што моментално престојува во Будва, како и според најновите анализи за туристичките цени во Хрватска, летувањето во двете соседни земји годинава ќе биде значително поскапо во споредба со периодот пред неколку години.

Во Будва, која традиционално е една од омилените дестинации за македонските туристи, цените на плажите се повисоки од лани. До неодамна, на дел од плажите лежалките беа бесплатни со задолжителна консумација, но од оваа сезона најчесто се наплаќаат одделно.

– На Словенска плажа, две лежалки и чадор оваа сезона чинат 15 евра, додека поединечна лежалка се наплаќа 6 евра, а чадор 3 евра. На дел од плажите, лежалките достигнуваат и до 25 евра. На популарната плажа Могрен, каде што најчесто летуваат младите, цените се уште повисоки, а за чадор се бараат и по 20 евра. Во рестораните и во кафулињата покрај плажите, речиси никаде не може да се најде кафе под 2 евра. Едно мало макијато чини околу 2,30 евра, а газиран пијалак како „фанта“ или „кока-кола“ околу 3,40 евра. Точено пиво „туборг“ се продава за околу 4,60 евра, додека парче пица чини меѓу 3 и 4 евра – вели Светлана за весникот ВЕЧЕР.

Иако многумина избираат апартманско сместување за да заштедат на храна, не е така. Нашата соговорничка вели дека цените во маркетите во Црна Гора се изгор.

– Свинското месо се продава по цена од 4,60 до 4,90 евра за килограм, мешаното мелено месо чини меѓу 7 и 8 евра, а свежиот пилешки стек околу 7,49 евра за килограм. Од овошјето, црешите достигнуваат цена од 7,50 евра за килограм, праските се продаваат од 3 евра, па нагоре, кајсиите чинат околу 3,70 евра, додека лубеницата се продава по 1 евро за килограм. Пиперките чинат нешто повеќе од 2 евра за килограм, краставиците околу 90 центи, а младите компири околу 1 евро. Лебот чини приближно 1 евро, шест литри вода околу 1,80 евра, а пивото во маркетите се движи од 1,20 до 1,50 евра. За 100 грама кафе треба да се издвојат околу 1,85 евра. Љубителите на традиционалните црногорски производи ќе платат од 15 до 20 евра за килограм пршута, додека килограм млад кајмак чини околу 18 евра, а стар кајмак околу 20 евра – додава таа.

Дополнително, како што вели таа, треба да се има предвид дека во Црна Гора ДДВ е повисоко откај нас и изнесува 21 процент, што дополнително влијае врз крајните цени на производите и на услугите.

Од друга страна, во Хрватска цените продолжуваат да растат, а земјата станува една од најскапите туристички дестинации на Медитеранот. Според податоците, цените на туристичките услуги се зголемиле за околу 50 проценти во споредба со 2020 година.

Тоа најдобро се гледа преку вкупните трошоци за едно четиричлено семејство. За седумдневен престој во хотел со три или четири ѕвезди и полупансион, во јуни потребни се околу 2.990 евра. Доколку семејството избере приватно сместување, трошокот се намалува на околу 2.040 евра. Во јули, цените дополнително растат, па хотелскиот одмор за четиричлено семејство достигнува околу 3.460 евра, додека престојот во апартман чини околу 2.590 евра. Во август, апартманското сместување останува на слично ниво од околу 2.590 евра, додека хотелскиот одмор достигнува просечни 3.720 евра.

И понатаму најскапи се Дубровник, Хвар и Сплит. Во регионот на Сплит, цените на апартманите се движат од 80, па дури до 5.000 евра за ноќевање, во зависност од локацијата и од нивото на луксуз. Хотелското сместување за четиричлено семејство често надминува 3.500 евра за една недела. На макарската ривиера, цените на сместувањето се движат од 60 до 2.000 евра за ноќ, додека во помалите места како Селине, во близина на Стари Град, може да се најдат куќи за одмор за околу 120 евра од ноќ.

Во Истра, пак, цените значително зависат од локацијата. Во Ровињ и во Пореч, седумдневен престој во хотел со четири или со пет ѕвезди чини меѓу 2.500 и 3.800 евра, додека во Пула, Умаг и во Рабац семејните хотели се движат од 1.200 до 2.100 евра за седум дена. За оние што избираат апартманско сместување, цените во Медулин, Фажана и во Пула се движат од 700 до 1.300 евра неделно, а во помалите места како Барбан може да се најдат апартмани и за околу 60 евра од ноќ.

Споредбата покажува дека Црна Гора и натаму останува подостапна за македонските туристи, особено кога станува збор за сместувањето, но и таму цените на плажите, кафулињата и во маркетите бележат раст. Во исто време, Хрватска сè повеќе се позиционира како поскапа туристичка дестинација, па за едно просечно четиричлено семејство летувањето лесно може да надмине 3.000 евра за само една недела одмор.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ