На 8 декември ќе биде пуштена во употреба нова делница од автопатот Кичево – Охрид, и тоа на потегот од селата Извор до Врбјани. Станува збор за една од најтешките делници на автопатската траса, која претставува значаен чекор кон целосно завршување на овој инфраструктурен проект.
Премиерот Христијан Мицкоски посочува дека со ставањето во функција на новата делница ќе се овозможи дополнително поврзување и олеснување на патувањето на овој дел од коридорот.
– Тоа е, можеби најтешката делница од автопатот Кичево – Охрид – истакна премиерот.
Изградбата на автопатот, кој со години е еден од најзначајните и најочекувани инфраструктурни проекти во земјава, се одвива во повеќе фази, а неговото целосно завршување се очекува да донесе побрза и побезбедна патна врска меѓу Кичево и Охрид.
Според последните најави, комплетната автопатска делница Кичево – Охрид треба да биде завршена во мај 2027 година. Со тоа би требало да се заокружи еден од најголемите патни проекти во државата, кој има значење и за туризмот и за економското поврзување на регионот.












