По разузнавачка информација, Царинската управа спречила обид за нелегален увоз на дрога во земјава преку поштенски пратки испратени од Франција, а против едно лице ќе биде поднесена кривична пријава. Според информациите од Царинската управа, станува збор за државјанин на САД со иницијали Ј.Е., кој преку поштенски пратки што содржеле ДВД и ЦД-носачи се обидел да внесе наркотични супстанци во државата.
При пристигнувањето на четирите пратки во Царинската испостава Пошти, царинските службеници извршиле контрола со скенер, при што била забележана сомнителна содржина. Потоа бил ангажиран мобилен царински тим и царинско куче, а по извршените проверки и тестирања било утврдено дека во пратките се криеле 12,5 грама метамфетамин, 20 грама МДМА и 8 грама кокаин.
Случајот бил предаден на Одделението за истраги, кое по наредба на јавен обвинител презело предистражни дејствија. Осомничениот бил приведен во моментот кога ја примал пратката, по што бил извршен и претрес во домот каде што живеел со сопругата. При претресот, инспекторите пронашле уште две стаклени шишенца со зелена растителна материја со карактеристичен мирис, две стаклени лулиња за пушење марихуана и 33 ампули тестостерон.
Пронајдената дрога од поштенските пратки и од домот е одземена и испратена на вештачење. По завршување на постапката, против лицето ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство. (П.А.)











