– Тврдењата за злоупотреба на службената положба се целосно неосновани. Ниту во еден момент не сум попречил остварување на какво било работничко право гарантирано со Уставот и со закон. Напротив, моја обврска е да обезбедам систем каде што важат правилата еднакво за сите, без привилегии и без исклучоци – изјави на денешната прес-конференција во Владата министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, откако претходно Синдикатот за култура објави дека поднел кривична пријава против него за, како што велат оттаму, злоупотреба на службената положба и овластување и повреда на права од работниот однос. Според наводите во пријавата, „министерот Зоран Љутков во текот на 2025 свесно и спротивно на закон носел упатства и давал насоки за пресметка на платите на вработените во културата, со што незаконски воспоставил нова методологија за пресметка на платите. Со ваквите постапки, министерот директно ги дерогирал Општиот колективен договор за јавниот сектор и колективните права на вработените и свесно ги ограничил нивните законски права од работниот однос“.

Министерот Љутков, пак, накратко ја појасни хронологијата на настаните.

– Во државава се применува Општиот колективен договор за јавниот сектор, а вработените во културата имаат и грански колективен договор во кој е уредена пресметката на платата. Општиот колективен договор предвидел покачување на платите во јавниот сектор за 10 % од септември 2023 година. Во таа смисла, заради усогласување, од страна на Министерството за култура било понудено склучување анекс на колективниот договор, што Синдикатот го одбил. Па сега Синдикатот тужи за пресметка на платите според начин што доведува вработените во културата да имаат повисока минимална плата за пресметка на платата од објавената минимална плата, во согласност со закон во државава – посочи министерот Љутков.

За да ѝ биде појасно на јавноста, тој додаде дека во 2025 минималната плата во јавниот сектор за пресметка на основната бруто-плата изнесувала 36.037 денари, а барањето на Синдикатот за култура било пресметката на основната бруто-плата да се прави на износ од 39.641 денар, што е спротивно на минималната плата објавена во согласност со закон. Тој додаде дека минималната плата за сите вработени во државава е иста, таа е уредена со закон и јавно се објавува секоја година.

Инаку, Синдикатот за култура досега поднел над 800 тужби против државата и институциите, а најавува и кривични пријави, освен за министерот, и за директори на институции од културата, оти работеле по налог на министерот. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ