Студентите на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет –Скопје ќе создаваат дела со цел унапредување на свесноста за недискриминација, еднаквост и ненасилство. За таа цел, вчера, претставниците на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со која Универзитетот претходно потпиша меморандум за соработка, одржаа информативна презентација за студентите од Европски универзитет, а присуствуваа и студенти од другите факултети, како и наставниот кадар.

– Со презентацијата на нашата работа, односно работата на Комисијата и улогата што ја има таа во заштитата од нееднаквост и дискриминација и примерите од практиката, се надеваме дека студентите ќе добијат инспирација за да ги креираат дизајните за конкурсот што го објавува Европски универзитет – Скопје. Исто така, се надеваме дека ќе ги поттикнеме успешно да учествуваат и да се подготват за самиот конкурс. Целта е студентите да научат да ја препознаваат дискриминацијата, бидејќи не секоја повреда на правото претставува дискриминација. Веруваме дека оваа сеопфатна презентација ќе им биде од голема помош за нивното учество на конкурсот и за изработката на дизајните – кажа Севги Идриз Муратоглу, раководител на Одделението за спречување  дискриминација и за промоција на принципот на еднаквост при Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

На презентацијата, меѓу другото, стана збор за Законот за спречување и заштита од дискриминација, основите, видовите и елементите на дискриминација, како и работата и надлежностите на Комисијата согласно со законот.

–  Студентите на Факултетот за арт и дизајн ќе учествуваат на интерниот конкурс со плакати, во кои ќе ги третираат темите поврзани со борбата против нееднаквоста и дискриминацијата. Најдобрите 20 решенија – плакати ќе добијат награди и ќе бидат поставени на јавна изложба, која ќе може и целата јавност да ја види. И во тие процеси сакаме студентите да се запознаат повеќе со сите тие концепти на правото, нееднаквоста и дискриминацијата. Истовремено, да научат и како да придонесат со својата креативност во сето тоа и да ѝ ги покажат на јавноста своите размислувања и своите идеи – посочува проф. д-р Гордана Вренцоска, координатор на проектот.

Активноста се реализира во соработка со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ