Во ЈП „Лајка“ се случи нешто што ретко се гледа: кучињата што долго чекале некој да ги избере, овој пат сами го најдоа својот човек. – Тие не чекаа некој да ги избере, тие самите го избраа својот човек – порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, раскажувајќи за средбите полни со љубов и доверба. Таму се случија љубов и пријателство меѓу човек и животно, со едно мавтање со опашката и со еден топол поглед, и се напишаа нови приказни што ќе траат цел живот

Тие не чекаа некој да ги избере. Овој пат тие беа тие што одлучуваа. Тие сами го најдоа својот човек, својата рака за милување, својот поглед во кој ќе препознаат сигурност. Во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ се случи нешто особено, нешто што тешко се опишува со зборови. Кучињата што некогаш биле оставени, заборавени и сами, добија шанса сами да го направат најважниот избор: кому ќе му го подарат своето срце.
На настанот присуствуваа луѓе што не бараа само домашен миленик туку и нов член на семејството. А кучињата, без многу размислување, го направија она што најдобро го знаат – ја почувствуваа добрината.
– Тие не чекаа некој да ги избере. Тие самите го избраа својот човек. Немаше зборови. Немаше убедување. Само една искрена средба меѓу човек и животно. Некои од овие кучиња знаат што значи да бидеш напуштен. Знаат што значи да чекаш зад решетки, со надеж дека еден ден некој ќе застане токму пред тебе и ќе ти подари дом – порача градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, споделувајќи ја приказната за овој несекојдневен настан.
Овој пат, приказната беше поинаква. Немањето дом, стравот и осаменоста беа заменети со надеж. Наместо да бидат избрани, тие избираа. Едно мало мавтање со опашката, еден топол поглед и еден чекор кон човекот беа доволни да се создаде нешто големо: ново семејство.
– Го избраа човекот покрај кого се чувствуваа безбедно. Раката на која сакаа да се потпрат. Прегратката во која сакаа да заспиваат. Домот во кој повеќе никогаш нема да бидат сами – порача градоначалникот.
Во тие неколку чекори од боксот до својот иден сопственик не се случуваше само задомување. Се случуваше нов почеток. Два животи се менуваа засекогаш: еден човек добиваше верен пријател, а едно куче, конечно, добиваше место што може да го нарече дом. За Ѓорѓиевски, ова беше доказ дека љубовта секогаш го препознава својот човек.
Од „Лајка“ упатија порака дека секое куче заслужува шанса, топол дом и некој што ќе му покаже дека повеќе не е само. А за оние што не може трајно да задомат во моментов, велат дека постои и друга можност: да станат привремени згрижувачи.












