Во вторник е краен рок за пријавување на двата јавни повици на Министерството за економија и труд наменети за домашните компании, особено за производните капацитети. Преку мерките, фирмите можат да добијат финансиска поддршка до 500.000, односно до 200.000 денари, при што Министерството покрива 70 проценти од прифатливите трошоци.

Како што информира заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, првиот јавен повик е насочен кон продлабочување на соработката меѓу производствените компании и универзитетите, со цел унапредување на технологијата и технолошките процеси во компаниите.

– Со овој повик се овозможува воведување иновативни методи поврзани со циркуларната економија, дигитализацијата и паметната специјализација – објаснува Ристески.

Вкупната вредност на повикот е пет милиони денари, а можат да учествуваат преработувачки компании во партнерство со универзитети. Поединечна компанија може да добие поддршка до 500.000 денари, додека Министерството покрива 70 проценти од трошоците.

Вториот јавен повик е наменет за домашните компании и има за цел имплементација и стандардизација на процесите, како и подобрување на нивната конкурентност. Вкупната вредност на овој повик е два милиони денари, а компаниите можат да добијат најмногу до 200.000 денари, со 70 проценти покривање на трошоците од страна на Министерството.

Ристески вели дека интересот на компаниите за ваквите мерки е голем бидејќи тие овозможуваат унапредување на производството, подобрување на квалитетот и воведување европски стандарди, дигитализација и паметна специјализација.

– Тоа многу значи за развојот на компаниите, а индиректно значи и подобрување на економската состојба, отворање нови капацитети и нови работни места, што е приоритет на Владата и на Министерството за економија и труд – вели Ристески.

Според него, мерките за поддршка на домашниот бизнис веќе даваат резултати преку зголемување на индустриското производство и инвестициите во домашните компании, отворање нови производни капацитети и привлекување странски инвестиции. Сето тоа резултира со подобрување на БДП, отворање нови работни места, а индиректно влијае и врз подобрувањето на животниот стандард – посочува заменик-министерот.

 

ИЗДВОЕНИ