Во Велес почна изградбата на подземна катна гаража и нов плоштад, проект кој треба да придонесе за подобрување на урбаното уредување и решавање на проблемот со паркирањето во централното градско подрачје. Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на почетокот на градежните активности, изрази очекување проектот да се реализира според предвидената динамика и објектот да биде ставен во употреба до крајот на првата половина на следната година.

Мицкоски посочи дека за реализацијата на проектот разговарал со градоначалникот на Велес, Марко Колев, уште во периодот кога Колев бил кандидат за градоначалник. Според него, досегашната подготовка претставува значаен дел од работата и создава услови за успешна реализација на проектот.

Сигурен сум дека, ако се оди според планот, кон крајот на првата половина на следната година ќе можеме да го пуштиме овој објект во употреба, за да го користат велешани и да уживаат во новиот плоштад – изјави Мицкоски.

Премиерот најави дека Владата ќе продолжи да поддржува инфраструктурни проекти во општините преку механизмите за финансирање на локалната самоуправа. Тој очекува проектите поддржани преку првиот и вториот повик да бидат реализирани во текот на оваа и почетокот на следната година. Мицкоски оцени дека инвестициите во локалната инфраструктура имаат поширок економски ефект, бидејќи со нив се активираат домашните компании и се поттикнува економската активност. Притоа, тој ги повика општините преку ЗЕЛС навремено да ги подготвуваат проектите за следниот период.

По завршувањето, новиот комплекс треба да обезбеди современ простор за паркирање, но и уреден плоштад кој ќе биде наменет за граѓаните и дополнително ќе го збогати централното градско подрачје на Велес.

 

 

ИЗДВОЕНИ