Во „Новото патување на Малиот принц“, осум децении подоцна, Елој Морено не само што му оддава почит на бесмртниот класик на Антоан де Сент-Егзипери туку и го осовременува.
Во приказната, настраданиот пилот се навраќа на својата прва средба со Малиот принц, за кого не знае дали навистина постоел или бил сон. Токму во тој миг, меѓу сонот и јавето, тој повторно му се појавува, овој пат барајќи од него да му нацрта крт за да ги јаде корените на баобабите и со тоа да спречи да му ја уништат планетата. Така започнува новото патување на Малиот принц, во кое спомените од претходното патување се преплетуваат со авантурите што овој пат му ги раскажува преку потрагата по кртот.
На едноставен и суптилен начин, авторот извонредно ги прикажува големите проблеми со кои се соочува нашето општество, како осаменоста и рамнодушноста кон страдањето на другите, преку пријателството и емпатијата како водечки нишки што ја поврзуваат целата приказна.












