Авион на „Делта ерлајнс“, кој летал од Барселона кон Бостон, вчера попладне изврши принудно слетување во португалскиот град Порто. Авиокомпанијата соопшти дека летот DL251 бил пренасочен поради технички проблем и дека авионот безбедно слетал.
Портпарол на португалската служба за цивилна заштита и итни интервенции изјави за Ројтерс дека причина за инцидентот била појава на чад во кабината.
На осум патници од авионот „Ербас А330“ им била укажана медицинска помош на пистата на аеродромот „Франсиско Са Карнеиро“, а тројца биле пренесени во болница на дополнителни прегледи.
Според податоците од сервисот за следење летови „Флајтрадар24“, авионот полетал од Барселона во 15:15 часот, а слетал во Порто во 17:45 часот по локално време.












