Цената на суровата нафта „Брент“ во понеделникот порасна за повеќе од три проценти, откако американскиот претседател Доналд Трамп го одби мировниот предлог на Иран за завршување на конфликтот и повторно отворање на Ормускиот Проток, поради што тензиите на Блискиот Исток и понатаму остануваат високи.
Фјучерсите на нафтата „Брент“ пораснаа за 3,43 долари, односно 3,29 проценти, на 107,75 долари по барел, додека американската нафта „West Texas Intermediate“ (WTI) поскапе за 2,14 долари, односно 2,32 проценти, на 94,55 долари по барел.
Минатата недела на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Иран објави мировен предлог, наведувајќи дека тој им е проследен на Американците преку катарски посредници. Трамп во саботата изјави дека го одбил тој предлог, но во телефонско интервју за „Аксиос“ во неделата рече дека очекува американските преговарачи оваа недела да ги продолжат разговорите, јавува „Ројтерс“.
– Одбивањето ги намали надежите за брзо постигнување договор, иако дипломатските напори не се завршени – изјави Суганда Сачдева, основачка на истражувачката компанија „SS WealthStreet“ со седиште во Њу Делхи. Кога станува збор за цената на нафтата „Брент“, 120 долари по барел останува ниво кое цената тешко би можела да го надмине. Сè додека цените не успеат да се задржат над тоа ниво, можен е пад, особено ако се подобри поморскиот сообраќај или преговорите остварат напредок – рече таа.












