Навикнати да одат по потешкиот пат, македонските ракометари уште еднаш ќе треба да се соочат со неизвесноста и со притисокот на последните два натпревара од квалификациите за ЕП 2026 за да обезбедат пласман на континенталниот собир и со тоа да го задржат континуитетот на настапи на големите натпреварувања.

Селекторот Кирил Лазаров, пак, има проблеми околу составувањето на екипата и стратегијата, бидејќи има многу повредени ракометари.

  • Јас сум секогаш оптимист, и во животот и во спортот, така ќе настапам и сега. Мора да бидеме внимателни со оглед на нашиот здравствен билтен. Доста играчи ни недостигаат, има некои нови играчи што мора да ги заменат на решавачките натпревари. Периодот е краток. Немаме право на грешка, очекувам два психолошки тешки натпревара.

Верувам во тимот и во екипата дека ќе одговорат со вистинското лице. Голем дел од играчите што се повикани, знаат какви се овие квалификациски натпревари и знаат како е да немаш право на грешка. Сакам да ја видам нивната реакција, а и на новите играчи што се тука. Се надевам дека ќе одговориме на предизвикот. Естонците покажаа во Скопје дека играат на гол повеќе, Литванците се покажаа во добро светло со Словенија. Ќе ни биде потребна поддршката од нашите навивачи. Но, одиме чекор по чекор, прво одиме на Естонија, а потоа на Литванија – изјави Лазаров.

ИЗДВОЕНИ