петок, октомври 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Фон дер Лајен пресече: Прво деблокада со Софија, па патоказ за Скопје!

Фон дер Лајен пресече: Прво деблокада со Софија, па патоказ за Скопје!

3

ЕУ ЌЕ ЈА ПРИМИ МАКЕДОНИЈА СО СВОИТЕ ЈАЗИК, ИДЕНТИТЕТ И КУЛТУРА, ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ЕК НЀ ПОФАЛИ И ЗА ПЛАНОТ ЗА РАСТ

Веднаш штом ќе се деблокира процесот со Бугарија, Македонија може брзо да добие патоказ и да продолжи напред кон Европската Унија, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа го советувала премиерот Христијан Мицкоски како прв чекор следната недела да биде побарана билатерална средба со бугарската страна, што веднаш ѝ било направено. Фон дер Лајен ја пофали Македонија за постигнатиот успех со Планот за раст и потврди дека ЕУ на земјава ќе ѝ посака добредојде со нејзиниот идентитет, јазик и култура. Мицкоски, пак, порача дека Македонија ги исполнува обврските и е време Европа да обезбеди фер процес без нови условувања

Веднаш штом ќе се деблокира ситуацијата со Бугарија, Македонија ќе може да добие патоказ и брзо да се движи напред кон Европската Унија, затоа што земјава веќе интензивно работи на неопходните реформи, порача претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Фон дер Лајен рече дека во овој момент, патокази добиваат оние држави што веќе се длабоко навлезени во пристапниот процес и отвораат и затвораат поглавја. Таа најави дека со македонскиот премиер се договориле следната недела да се направи прв нов чекор во обид за деблокирање на процесот. Ја пофали Македонија за постигнатиот успех со Планот за раст и најави дека ќе следуваат и дополнителни исплати во претстојните недели.

– Во моментот кога ќе ја деблокираме ситуацијата тука, а моето лично мислење е дека можеме да бидеме мошне брзи со Северна Македонија затоа што веќе интензивно работиме на реформите што се неопходни. И сега се фокусираме на тоа да ја деблокираме ситуацијата за да можеме потоа да дојдеме со патокази за Северна Македонија. Се договоривме да имаме еден прв нов чекор следната недела и да се обидеме да го деблокираме процесот и, всушност, да го претвориме во процес. Тоа е најважниот дел, одговори претседатeлката на ЕК на новинарско прашање.

Клучниот чекор

Таа рече дека нашата земја ги почнала пристапните преговори во 2022 година и дека сега останува да се направи клучниот чекор и порача дека ЕУ ќе ја прими земјава со своите идентитет, јазик и култура.

– И сега има само еден клучен чекор што треба да го направите за да можете да се придвижите напред и да го отворите првиот кластер основи. Знам колку е ова чувствително, но сакам да бидам јасна околу она за што се залага Европа. Ние ќе ѝ посакаме добре дојде на Северна Македонија во Европската Унија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата, затоа што нашето мото е „различност и обединетост“ и ние сме мошне сериозни по тоа прашање. Северна Македонија навистина постигна успех со Планот за раст, веќе добивте 140 милиони евра, а ќе следуваат и дополнителни исплати во претстојните недели, а напредокот е навистина импресивен, рече Фон дер Лајен.

Фон дер Лајен од Скопје испрати, како што рече, јасна порака дека земјава ѝ припаѓа на Европската Унија. Претседателката на ЕК рече и дека Преспанскиот договор бил момент на вистинска политичка храброст и дека земјава покажала дека може да носи храбри одлуки за својата иднина.

– Вие бевте првата земја во регионот што го потпиша партнерството за одбрана и безбедност, како и да ги искористи инструментите за европска безбедност. Вие сте дел од коалицијата на подготвените, бидејќи кога европска нација и пријател беше нападната, Северна Македонија се исправи, вие ѝ помагате на нашата Унија и ние сме навистина мошне благодарни за тоа. Ова е Северна Македонија што ние ја знаеме, земја која си стои на зборот, земја која ѝ припаѓа на масата во Европската Унија и мојата порака е ова. Јасно, вие ни припаѓате нам, порача Фон дер Лајен.

Средба во Софија идната недела

Запрашан каков одговор добил од Фон дер Лајен за неговиот предлог ЕУ да се вклучи во разговорите меѓу Македонија со Бугарија, премиерот Христијан Мицкоски рече дека таа го прифатила предлогот и го советувала, како прв чекор, македонската страна да побара официјална билатерална средба за време на посетата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски на Софија, следната недела.

– Па еве, ќе се обидам да бидам конкретен на вашето прашање и ќе излезам од формалниот дипломатски речник. Од претседателката добив совет веќе следната недела нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија е во Софија, причина за тоа е Коридорот 8 и проектите што ги движиме во рамките на тој Коридор 8, да побараме од домаќинот средба на билатерална основа. Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме, процесот од некаде да го движиме, рече Мицкоски.

Фер процес заснован на јасни правила

Во обраќањето, премиерот порача дека Македонија ги исполнува обврските и време е Европа да обезбеди фер процес без нови условувања. Средбата со претседателката на ЕК тој ја оцени како отворена, содржајна и насочена кон прашањата кои директно ја определуваат нашата европска иднина.

– Разговаравме за реформите, за динамиката на пристапниот процес, но и за предизвиците кои со години го оптоваруваат нашиот пат кон Европската Унија. Нашата определба како држава е јасна и останува непроменета! Сакаме да бидеме дел од Европската Унија и посветено работиме на таа цел. Истовремено, веруваме и дека дојде време овој процес да добие посилна политичка поддршка од европските институции. Нашата европска определба никогаш не била и нема да биде спорна. Она што го бараме денес е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила. Ние ги завршуваме нашите обврски и спроведуваме реформи што се очекуваат од една земја, понекогаш навреме, понекогаш и малку доцниме, но сепак ги завршуваме, како земја која сака да стане членка на Европската Унија, истакна Мицкоски.

Мицкоски изразил очекување пред Фон дер Лајен и ЕУ да биде вклучена во овој процес.

– Не бараме од Унијата да заземе страна, бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања. Секое решение мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната, без простор за нови толкувања и дополнителни барања. Ако од нас се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да очекуваме и јасна европска перспектива за она што следува потоа. Нашата цел не е да го одложуваме процесот, туку да создадеме услови тој конечно да се движи напред на стабилна и одржлива основа, рече Мицкоски.

Тој посочи и дека Владата продолжува со реформите, затоа што, како што рече, најголемиот дел од нашата работа е дома, во институциите, во економијата и во подобрувањето на секојдневниот живот на граѓаните.

– За нас е особено важно европската интеграција граѓаните да почнат да ја чувствуваат уште пред формалното членство: преку поголем пристап до единствениот европски пазар, нови економски можности, подобра инфраструктурна поврзаност, инвестиции и повеќе можности за младите. Токму затоа ја гледаме постепената интеграција како важен дел од процесот и како начин европската перспектива да стане видлива и конкретна. Нашата амбиција е јасна: додека разговараме за членството, дома да изградиме држава која според своите институции, стандарди и економски можности веќе функционира како европска држава, истакна македонскиот премиер.

Покрај средбата со премиерот Мицкоски, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, вчера имаше средба и со претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давковa.

Македонските власти, пред посетата на Фон дер Лајен порачаа дека Македонија сака да се најде решение со Бугарија што ќе обезбеди предвидливост на процесот на евроинтеграција и дека иако има билатерални контакти со Софија, тоа досега не доведе до напредок. Сметаат дека поради тоа е потребно ЕУ да биде директно вклучена во разговорите со Бугарија и инсистираат аргументите да се разгледуваат во европски формат.

Посетата на Македонија беше дел од турнејата на Фон дер Лајен низ Западен Балкан. Во рамките на турнејата, таа ги посети и Албанија, Црна Гора и Косово. Србија и Босна и Херцеговина овој пат беа изоставени бидејќи двете земји се подготвуваат за избори.

Турнејата на претседателката на ЕК се случува во период кога проширувањето на Европската Унија повторно е високо на европската политичка агенда, а Брисел најавува нови идеи за постепено приближување на земјите кандидати кон Унијата. Токму за оваа постепена интеграција, еврокомесарката Кос најави дека Европската комисија во вторник ќе претстави дополнителни предлози. Основната идеја е „повеќе Европа пред членство“, но со јасна порака дека постепената интеграција не треба да биде замена за полноправното членство.   (В. С. Н.) 

 

ИЗДВОЕНИ