петок, септември 18, 2026
Дома СКОПСКА „Кино на отворено“ во паркот „Македонија“ во Кисела Вода

„Кино на отворено“ во паркот „Македонија“ во Кисела Вода

1

Општина Кисела Вода, во соработка со Кинотеката на Република Македонија и со „Киноверзум“, и овој викенд ја организира манифестацијата „Кино на отворено“. Настанот ќе се одржи денеска и утре,  во паркот „Македонија“, во близина на Домот на културата „Билјана Беличанец“.

Програмата носи внимателно селектирана филмска содржина за сите генерации. Вечерите почнуваат со детски филмови, по што следуваат култни македонски филмови.

Утре, со почеток во 19:00 часот, ќе биде прикажан детскиот анимиран филм „Клинци каубои“, синхронизиран на македонски јазик. Во 20:35 часот ќе следува македонскиот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, која има две номинации за наградата „Оскар“, а во продукција на Јорданчо Петковски и Ана Хамши. Овој филм е откупен од „Нешнал џиографик докјументари филмс“ и ја доби наградата на музата, за најинспиративен филм на Биеналето во Венеција.

В недела, од 19:00 часот, на програмата ќе биде детскиот анимиран филм „Таинствената шума“, исто така синхронизиран на македонски јазик. Веднаш потоа, во 20:25 часот ќе следува проекцијата на култниот македонски филм „Пред дождот“, во режија на Милчо Манчевски, еден од најуспешните македонски филмови, кој е добитник на над 30 меѓународни награди, меѓу кои и престижната „Златен лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција и уште четири номинации, од кои најзначајна е, секако, номинацијата за „Оскар“, за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, во 1995 година.

Од Општина Кисела Вода ги покануваат сите граѓани овој викенд да присуствуваат и да уживаат во филмската програма во Општина Кисела Вода.

 

ИЗДВОЕНИ