– Кога ќе се спомене името Кирил Поп Христов, во мислите не се појавува само лик или улога или реплика. Се појавува енергија. Се појавува еден немирен, некогаш и покорен дух, кој никогаш не прифаќаше да биде само дел од ансамбл, туку секогаш беше појава… Кили никогаш не беше актер кој може да се стави во рамка. Тој беше актер кој ги поместува рамките…“ Со овие зборови, на вчерашната комеморација во чест на Кирил Поп Христов, од него се збогуваше Никола Кимовски, директор на Македонскиот народен театар, матичната куќа на Кили, актерот кој секогаш беше присутен на сцената целосно или никако, актер за кој театарот не беше професија, туку начин на постоење  

 

– Постојат актери кои влегуваат на сцена и постојат актери кои ја носат сцената со себе. Кили беше од вторите. Кога ќе се спомене името Кирил Поп Христов, во мислите не се појавува само лик, улога или реплика. Се појавува енергија. Се појавува еден немирен, некогаш и покорен дух, кој никогаш не прифаќаше да биде само дел од ансамбл, туку секогаш беше појава… Кили никогаш не беше актер кој може да се стави во рамка. Тој беше актер кој ги поместува рамките…. Со овие зборови, на вчерашната комеморација во чест на Кирил Поп Христов, од него се збогуваше Никола Кимовски, директор на Македонскиот народен театар, матичната куќа на Кили, актерот кој секогаш беше присутен на сцената целосно или никако, актер за кој театарот не беше професија, туку начин на постоење.

Токму со фрагменти од театарски претстави и филмови во кои тој остави неизбришлива трага, неговото семејство, пријателите и колегите се потсетија на овој роден бунтовник, градски „шмекер“, бескрајно искрен и секогаш подготвен да помогне.

И како што додаде Кимовски: „Денеска, сцената на Македонскиот народен театар изгледа малку поинаку. Не затоа што е празна, туку затоа што некои луѓе оставаат присуство кое не исчезнува со нивното заминување… Кили остави трага која не може да се измери само со улоги или со години на сцена. Затоа што кај него секоја улога беше ризик. Не играше за да биде сакан, не играше за да биде лесно разбран. Играше затоа што веруваше дека театарот мора да отиде до крај. Во тоа имаше нешто исконско, нешто речиси диво. Една непомирлива љубов кон слободата… Кили беше човек со кој не мораше секогаш да се согласиш, но секогаш мораше да го почитуваш. Затоа што зад таа негова жестокост стоеше искрена љубов кон театарот и кон животот“.

Можеби веќе никогаш нема да го слушнеме неговиот поздрав „Почитуван публикуме“, но ќе се сеќаваме на улогите на, како што кажа неговата колешка Арна Шијак, на „неповторливиот и единствен Кили, оној што целиот свој живот го посвети на уметноста. Живееше и твореше со театарот, филмот, телевизијата, музиката. Беше онаа ѕвезда што го исполнува секојдневието со својот карактеристичен излив на емоции, бунтовност во сето свое битие и маестрално подготвени улоги. Човек со огромна експлозија на енергија, која ја пренесуваше на колегите и тука на сцената, кон публиката. А изјавите проследени со неговата препознатлива гестикулација и изрази на лицето… е па фраер што имаше харизма до небото“.

Неговата колешка, пак, од класата на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Даница Георгиевска, се потсети на студентските денови и на бројните анегдоти во кои „главен лик“ беше токму Кили. Како што кажа со солзи во очите, тој секогаш беше подготвен да помогне, да ја извади ситуацијата, да ги забавува луѓето околу себе и да ги прави среќни. Токму случката во која на факултетот се претставил како професор и притоа правел кастинг за новодојдена колешка, најдобро кажува дека секогаш бил подготвен за шега.

​„Имавме еден многу добар пријател, можам да кажам духовно братче. И од почеток, кога бев многу помлад, за нас во Скопје беше голем мангуп. ​На едно мое доаѓање во МНТ, во театарот, забележав дека веднаш кога влезе во бифето, сите очи беа вперени кон него и зрачеше со некоја посебна енергија што ја знаеше само тој, нели, што ја имаше само тој, што ја поседуваше. И беше многу забавен, интересен, спонтан, непосреден, духовит и ми се виде многу интересно. ​И така го поканив на „Златна бубамара“ и видов дека лесно се комуницира, многу убаво се работи со него. Всушност, и пробите и состаноците беа многу забавни, интересни. На некој начин, беше благослов да бидеш во негово друштво, посебно кога се работи, кога е интересно“, кажа вчера и Ранко Петровиќ, сопственик на радиото „Буба Мара“.

Телеграми со сочувство до неговото семејство кои беа прочитани на сцената на МНТ, испратија и неговите колеги од Драмскиот театар – Скопје, како и од Театарот за деца и младинци, од театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ и Факултетот за драмски уметности.

Кирил Поп Христов почина на 11 март, на 58-годишна возраст, во Еквадор. Тој се пресели во Еквадор во 2014 година, и иако често доаѓаше во Скопје, последната година и пол ја поминал во оваа јужноамериканска земја.

„Кили ќе биде погребан во Еквадор. Ќе почива во Мангларалто, покрај океанот“ – беше веста објавена деновиве на социјалните мрежи од неговата сопруга, Гордана Деан Поп Христова, вест која ги затекна неговите блиски.

Инаку, Кили е роден на 30 јули 1967 во Скопје, а дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во 1989 година, на отсекот за актерска игра во класата на професорот Љубиша Георгиевски. Од 1993 до 2014 работи во МНТ, а во 2018 повторно се враќа на истата сцена, оставајќи значаен белег во институцијата како дел од актерскиот ансамбл. Ќе го паметиме како Дон Хусман во „Свадбата на Фигаро“ (2011), Антинор во „Троил и Кресида“ (2010), Џиги во „Павилјони“ (1999), Срета во „Народен пратеник“ (1993), Јохансон во „Соната на сеништата“ (1992), Александар Македонски во „Крик“ (1991), Еди во „Луди за љубов“ (1988), Мишка во „Ревизор“… и многу други улоги реализирани на сцената на МНТ. Тој оствари значајна кариера и на филм и на телевизија. Се вбројуваат улогите во филмовите  „Панкот не е мртов“ (2011), „Збогум на дваесеттиот век“ (1998), „Македонска сага“ (1993), „Тетовирање“, а учествуваше и во повеќе телевизиски серии како „Трст виа Скопје“ (1990) и „Бумбари“ (1989). Покрај актерската работа, Кирил Поп Христов беше и композитор на филмот „Судијата“ (2002), чиј автор и режисер е Жанета Вангели. (Д. Т.) Фото: П. Стојановски

 

 

ИЗДВОЕНИ