„Иднината што не знаеме да ја замислиме“ беше тема на тркалезната маса што се одржа синоќа во рамките на 14. издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, во „Јуроп Хаус“ во Скопје. Инспиративни визии за иднината и реални погледи на сегашноста претставија лауреатот на „Прозарт 2026“, современиот српски писател Драган Великиќ, словенечката романсиерка Габриела Бабник Уатара, Зиновија Василејади од Грција, училиштен психолог и авторка на детска литература, српската писателка Христина Радовиќ-Андриќ, Мајк Дауни, ирско-британскиот автор и продуцент, македонскиот писател Блаже Миневски, албанската писателка Дијана Чули и писателот и сценарист Николај Терзијски од Бугарија.
Панелот традиционално го отвори Дејан Трајкоски, основач на фестивалот. Тој во уводниот дел направи споредба на зададената тема со два филма: „Сталкер“ на Андреј Тарковски и „Седмиот печат“ на Ингмар Бергман. Трајкоски ја опиша Зоната во „Сталкер“ како метафора за непознатото (иднината), а Собата е местото каде што се исполнуваат најдлабоките желби.
– Таму луѓето влегуваат со очекување и надеж, а се враќаат преплашени од она со што не можат да се соочат, со непознатото во себе или една интерпретација – иднината. Или „Седмиот печат“ од Бергман, каде што витезот е преплашен од вечноста без смисла (од иднината без смисла), а во меѓувреме осознава дека во сегашноста има јагоди, бело млеко и подадена рака. Каде е тука местото на литературата. Великаните како Орвел, Замјатин, Хаксли пишуваа за иднината со тоа што импрегнираа делови од нивната сегашност – репресивните механизми, општества и сл. Како ќе ја опишува денешниот писател иднината, освен како постапокалиптична, дали ќе влезе во Собата и каков ќе излезе – рече Трајкоски, отворајќи простор за широка дебата.
На него се надоврза Владимир Јанковски, наградуван писател, кој со години соработува со фестивалот и ги модерира тркалезните маси. Јанковски рече дека литературата секогаш е заробена најмалку во три времиња – го реконструира минатото, ја преиспитува сегашноста и ја замислува иднината.
– Има прекрасни живописни примери уште во зачетокот на европската цивилизација и литературата. Двата епа на Хомер, „Илијада“ и „Одисеја“ ги читаме од времето во кое се создадени, а реферираат на настани што се случиле 400 години порано. Ги читаме како епови со автентичен епски глас, а се случиле многу порано. Дури и кога реферира на далечно минато, литературата се обидувала да го легитимизира сопственото време. Колку писателите може да излезат од чевлите на сопственото време – рече Јанковски.

На прашањето како лауреатот Великиќ ја замислува книжевната сцена во 2060/2070 година, што го загрижува, а што го охрабрува, тој се пошегува дека не е пророк за да го знае одговорот.
– Треба да е добра литература. Толку е едноставно. Иво Андриќ зборуваше дека треба да поминат 50 години за да се види дали литературата е добра. Има многу заборавени генијални дела. Но, тоа што е добро не е изгубено, кога-тогаш ќе излезе на виделина. Некогаш требало да поминат 100, 200 години за да се случи промена – рече Великиќ.
Во време на кратки форми на дигитални уреди, вниманието на човекот е ограничено на само 7-8 секунди. Што се случува со читањето како бавен и комплексен чин? Габриела Бабник Уатара тргна од сопствениот пример. Кога чита, на 15 минути ја остава книгата и го зема телефонот в раце. Таа се фокусира исклучиво кога пишува.
– Сè уште пишувам рачно, поинтимно е. Пишувам псевдобиографски романи и поставувам прашања, каде е литературата денес, што е фикција, а што реалност? Литературата можеби е универзална, но сите тргаме од сопствениот идентитет. Не постои тема што е универзална. Јас отворам многу теми – женското прашање, расизмот и многу други – објасни Бабник Уатара.
Зиновија Василејади работи како училиштен психолог во Атина и пишува книги за деца. Таа раскажа интересна анегдота додека биле на екскурзија во Лондон со околу 60 солидни ученици. При посетата на музеј, во музејската продавница наишла на книга за митологија што одамна ја барала.
– Пресреќна ја купив и им ја покажав на неколку ученички. Беа зачудени зошто купувам книга без причина. Комплексни се проблемите со младите – вели Василејади.
Според неа, повеќето детски книги се наменети за родителите да го научат детето нешто. Сè уште има родители кои не знаат како да комуницираат со децата.
– Полесно им е да купат еден тон книги, отколку да седат на кауч и да прочитаат приказна без повод. Книгата не е учебник, нешто од што треба да учиме, туку детето да ја рашири фантазијата. Затоа децата немаат конекција со книгите – додаде Василејади.

Христина Радовиќ-Андриќ се осврна на технолошкиот напредок и употребата на вештачката интелигенција, децидна дека ВИ платформите не можат да создадат литература каква што создава авторот.
– Се иселив од Белград и во селото каде што живеам има мала библиотека, организиравме литературни вечери, имавме одлични гости. Одам по селото секој ден и ги молам луѓето да дојдат. Сите ми велат немам време, немам трпение да читам. За мене ова забрзување е ѓаволска работа. Си ставивме голем камен на плеќите и не знаеме што со него. ВИ никогаш нема да може софистицирано да ја опише топлината на прегратката. Многу е важно децата да растат со физички книги – рече Радовиќ-Андриќ.

Мајк Дауни целосно се согласува со неа во однос на прашањата поврзани со литературата и ВИ.
– На ниво за етика, ако седиш пред компјутер и пишуваш промптови за да напишеш нешто, зошто се потпишуваш, зошто пишуваш и зошто не работиш нешто друго? Учев во истото школо каде што учел Артур Кларк, јас бев единствениот од класот што го заврши слушањето латински јазик. Професорот еднаш ми рече: „Речник во нечии раце може да биде многу опасно оружје.“ Одбивам да користам ВИ во пишувањето, зашто тоа е длабок процес на учење и разбирање на нештата – рече Дауни.

Блаже Миневски се обидува да ја игнорира „таа опасна госпоѓа ВИ“. Тоа го прави по сопствен избор, сè уште пишува на рака, ретко користи компјутер.
– Тоа ќе го оставам за следните генерации. Не треба да се плашиме, ако се плашеше Гутенберг, немаше да имаме печат, ако немаше дигитални алатки немаш да има електронски изданија. Во однос на третманот на темите, дали роман или новинарство, секогаш тргам од еден корисен цитат на Гогољ кој на многу точен начин го дефинира односот на писателот кон тоа што го работи – пишувам за сегашноста која во себе ја претворам во минато. Верувам дека ќе остане тоа што е добро напишано, тоа што е автентично – вели Миневски.

Според Дијана Чули, литературата не може да ја предвиди иднината, но може да влијае на неа.
– Пишуваш во минатото, но правиш нешто за иднината. Живееме на дистописки начин и како што вели Умберто Еко, ако прочиташ една книга ќе знаеш дека постои еден живот, но ако прочиташ 60 книги, ќе откриеш 60 светови. Живееме во време кога дури и зборовите имаат неверојатна моќ – рече Чули.
Николај Терзијски раскажа две анегдоти низ кои направи добри паралели за литературата денес, ВИ и иднината. Една вечер во 2019 година се шетал со сопругата-писателка низ Софија.
– Ѝ реков, колку е убаво. Татко ми не смеел да ужива во комунизмот. Дедо ми не можел да ужива, живеел во војна. Ние живееме во најубавото време. Таа ме праша, но дали може нешто да ја уништи оваа убавина. Не знам зошто, одговорив – епидемија. И се случи сè што се случи. На 1 јануари годинава, повторно со сопругата, бевме на Сицилија. Лежерен ден, вечерта џез-група свиреше празнични песни. Во еден момент пејачката рече, ќе ви испеам специјална песна, и почна да ја пее Imagine од Џон Ленон. Се свртев, сите луѓе околу мене имаа солзи во очите. Чувството беше толку големо. Надежта е во тоа што сè уште умееме да плачеме кога ќе чуеме: Imagine all the people. Sharing all the world. ВИ што ќе ви каже? – заврши Терзијски и ја затвори тркалезната маса.
Вечерва во 20 часот во Музејот на град Скопје ќе биде официјално затворен 14. „Про-за Балкан“, со врачување на наградата „Прозарт“ на Драган Великиќ. Ќе се обрати авторот, а сите писатели ќе читаат извадоци од свои дела.












