четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Израел го дестабилизира иранскиот режим со тактика на ликвидација на лидерите, еден...

Израел го дестабилизира иранскиот режим со тактика на ликвидација на лидерите, еден по еден

823
epa12786540 Smoke rises in central Tehran after an Israeli attack in Iran, 01 March 2026. A joint Israeli and US military operation continues on its second day after targeting multiple locations across Iran in the early hours of 28 February 2026, with Iran later launching retaliatory attacks. EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

„Волстрит џурнал“ наведува дека израелските тактики се базираат на постојан притисок: прво се истиснуваат безбедносните сили од своите штабови, потоа се следат до местата за собирање, па во импровизираните скривалишта, каде што повторно стануваат цел. Целта е да се исцрпат, да се дестабилизираат и да му се покаже на населението дека повеќе не се недопирливи. Воените експерти предупредуваат дека е исклучително тешко да се собори режимот само со воздушни напади, а ако преживее, иранската Влада би можела да излезе од конфликтот уште порадикална и поопасна

 

Иранските државни медиуми потврдија дека е убиен шефот на националната безбедност на земјата, Али Лариџани, кој беше човек кому ајатолахот бескрајно му веруваше. Претходно дојде потврда и за смртта на командантот на озогласената милиција Басиџ, Голамреза Солејмани. Ден по нивната ликвидација, во напад на Техеран, цел на Израел беше иранскиот шеф на разузнавачката служба, Есмаил Хатиб, чија смрт, како што пренесе Си-ен-ен, Иран не ја има потврдено. Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека Израел ќе продолжи да ги има како цел членовите на иранското раководство и да ги убива.

Лариџани во петокот самоуверено се појави меѓу поддржувачите на режимот во центарот на Техеран, заземајќи став на човек што ја контролира ситуацијата. Само четири дена подоцна, беше ликвидиран со прецизен ракетен удар откако го лоцираа израелските разузнавачки служби рано изутрината, во засолниште на периферијата на Техеран, пишува „Волстрит џурнал“. Благодарение на јавување, Израелците го лоцираа и Солејмани, кој се криел со неколкумина соработници во шатор, во шумското подрачје на Техеран.

Според документи до кои дошол „Волстрит џурнал“, Израел спроведува исклучително обемна и систематска кампања. Целта не е само да се уништи инфраструктурата туку и да се демонтира целиот безбедносен апарат – од врвот до најниските нивоа. Весникот наведува дека израелските тактики се базираат на постојан притисок: прво се истиснуваат безбедносните сили од своите штабови, потоа се следат до местата за собирање, па во импровизираните скривалишта, каде што повторно стануваат цел. Целта е да се исцрпат, да се дестабилизираат и да му се покаже на населението дека повеќе не се недопирливи.

Војната почна со јасна поделба на задачите: додека САД се фокусираа на воената и на индустриската инфраструктура, Израел презеде операции насочени кон внатрешна контрола на режимот – полицијата, специјалните сили и паравоените формации. Додека систематски беа уништувани нивните бази, иранските власти активираа резервен план: собирање на силите во спортски објекти. Но, израелското разузнавање брзо ја откри тактиката. Го следеше движењето и чекаше да се наполнат објектите, а потоа ги напаѓаше. Иранските власти јавно ги прикажаа нападите како удар врз цивилни цели, додека го замаглуваа присуството на безбедносните сили на тие локации.

Покрај физички напади, Израел води и интензивна психолошка војна. Разузнавачките агенти директно контактираат со иранските команданти, предупредувајќи ги дека ако не застанат покрај народот во случај на бунт, ќе ја делат судбината на своите претпоставени. Во еден запис од таков разговор, агентот директно вели: „Знаеме сè за вас. Вие сте на црната листа“. Командантот одговара речиси очајно, тврдејќи дека тој не е непријател и моли за помош. Ваквите операции дополнително го нарушија моралот. Многу членови на безбедносните сили повеќе не се чувствуваат безбедно дури ни во своите бази, па затоа спијат во возила, џамии или во импровизирани засолништа, некои се кријат под мостови или во автобуси, додека жителите често ги напуштаат зградите од страв да не станат цел. Секојдневниот живот почнува да се распаѓа, но режимот сè уште има контрола врз улиците. Безбедносните сили се закануваат дека ќе употребат смртоносна сила за да спречат протести. Но, Израел дополнително ги прошири операциите, со напади со беспилотни летала што кружат над Техеран и другите градови, имајќи ги како цел контролните пунктови и блокадите, врз основа на информациите добиени од обични граѓани во Иран.

И покрај сè, конечниот исход останува неизвесен. Иран го ограничи пристапот до Интернет и строго ги контролира информациите, што го отежнува независното проценување на реалната ситуација. Воените експерти предупредуваат дека е исклучително тешко да се собори режимот само со воздушни напади, а ако преживее, иранската Влада би можела да излезе од конфликтот уште порадикална и поопасна. Од друга страна, наведува „Волстрит џурнал“, израелските процени сугерираат дека комбинацијата од економски крах и зголемено незадоволство го турка режимот кон неизбежен колапс, или во текот на војната или во периодот што следува. Но, клучот останува во рацете на самите Иранци.

 

 

ИЗДВОЕНИ