– Сашо не даваше „поддршка“ во онаа безбедна смисла на зборот. Даваше вистинска шанса. Со вистинска одговорност. Со вистински ризик. Со можност и да успееш и да утнеш. Ќе ти дадеше актер. Ќе ти дадеше сцена. Ќе ти дадеше театар. А потоа очекуваше да бидеш достоен за довербата. Таков беше и како човек. Неутрален – никогаш. Имаше став. Вкус. Tемперамент. Tврдоглавост… Со овие зборови, вчера, од познатиот македонски режисер и драматург Сашо Миленковски се прости режисерот Синиша Евтимов. Во присуство на семејството на Миленковски, кој почина на 28 јуни, и на неговите пријатели, се простија неговите бројни колеги, режисери, актери и други културни и театарски дејци.
– Сашо беше еден непристојно паметен човек. Во исто време беше и еретик и верник. Се караше со Бог на повеќе јазици – преку Кјеркегор, преку Кант, преку Хегел, преку неговите другари од германската класична… Сашо беше вид што изумира во денешната цивилизација. Тој беше сештолог – кажа Бојан Трифуновски.
Во прошталниот говор, пак, драмскиот писател Венко Андоновски напиша:
– Постојат драги луѓе за кои никако не може да се сетите кога и каде сте ги запознале. Мојот театарски другар Сашо Миленковски е еден од нив. Кога ви се случува тоа, со сигурност знаете дека со нив сте имале богато минато пред да ги запознаете и тоа минато потекнува апсолутно од иднината што уште не е дојдена. Тоа се луѓе со кои не сте се разминале ни во сегашноста, ни во минатото, ни во иднината, во оваа сурова вселена во која материјата, главно, се разминува една со друга, маж со жена, родители со деца, планета со планета, галаксија со галаксија. Мене ми е многу драго што не се разминав со Сашо, што бевме современици.
Романописецот и драмски автор Сашо Кокаланов, потсетувајќи се на анегдотите од заедничката дружба, исто така се прости од својот другар.
–Иако зборовите се мојот занает, денеска, како никогаш претходно во животот, сакам да останам нем, да си ги артикулирам чувствата и мислите во јазик без зборови и да ги споделам со тебе само преку свеста… Ти не сакаше комеморации, читање биографии, редење успеси, јавни сплотувања. Не ја сакаше таа неизбежна евтина патологија во која и самиот се фаќам уловен пишувајќи го обраќањево. Ти, убеден во тоа дека не би дошол ни на својата комеморација. Да беше тука ќе ми речеше: ‘Може приредбава да заврши на кафе во бифето’“.
Ќерките на режисерот, Хана и Сара Миленковски, на комеморацијата кажаа дека нивниот татко, Сашо Миленковски ги научил да не почитуваат никаков авторитет, да имаат храброст и да не прават компромис кога станува збор за творештво.
Од Миленковски се простија и актерите Весна Петрушевска и Рубенс Муратовски.
Сашо Миленковски е еден од најзначајните македонски режисери, драматурзи и театарски творци, чија уметност остави длабок белег во современиот македонски театар. Тој ѝ припаѓаше на генерацијата режисери што на почетокот од деведесеттите години внесоа нова естетика, современ театарски јазик и силен творечки импулс во македонската театарска уметност. Во текот на речиси четири децении творечка работа, реализираше повеќе од педесет режии на сцените во државата и пошироко. Праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Народниот театар Битола во 1992 е едно од најважните сценски остварувања во поновата историја на македонскиот театар. Претставата освои четири награди на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Заедно со својата режија на „Буре барут“ во Македонскиот народен театар во 1994, Миленковски даде клучен придонес во афирмацијата на драмското кредо на Дејан Дуковски.
Во неговото богато творештво особено место заземаа режиите на драмите на Горан Стефановски и на Венко Андоновски. Покрај режисерската работа, тој беше и драмски автор. Зад себе ги остави текстовите „Коледе“, „Гејм овер“, „Deus Ex Machina“ и „Ова не е американски филм“. Неговото творештво се прошири и на филмот, каде што работеше на документарните и играните филмови „Мајка Тереза“, „Голем Град“, „Љубинко и Десанка“ и „Преспа“.
Во 1999 година, го основа независниот театар „Бабилон“, а од 2006 до 2010 ја извршуваше функцијата директор на Македонскиот народен театар. Од 2010 година беше драматург во Драмски, каде што активно придонесуваше во обликувањето на современиот репертоар. Двапати беше добитник на наградата за најдобра режија на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, а претставите „Гејм овер“ и „Македонски рулет“ во негова режија беа прогласени и за најдобри претстави во целина. Добитник е и на наградата за најдобра режија на театарскиот фестивал во Нови Сад, за претставата „Злосторство и казна“, како и на наградата за најдобра претстава во Србија, за „Ниш експрес“.
Фото: Ѕ. Плавевски












