На советничко прашање за функционирањето на чешмите за пиење вода низ градот, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека јавното претпријатие „Водовод и канализација“ веќе работи на терен и оти повеќе од 210 чешми веќе работат. Тој наведе дека е иста состојбата и со фонтаните кои, како што кажа, во најголем дел се ставени во функција. Што се однесува на состојбата со јавните тоалети на што забележаа советниците, Ѓорѓиевски рече дека, во моментов, тие се на „Тојфор“, но најави дека во подготвителна фаза се три современи тоалети од кои еден ќе биде поставен во Градски парк, еден на плоштадот „Филип II“  и еден во близина на Градскиот плоштад

 

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека во наредниот период ќе започнат активностите за ставање во функција на подната фонтана која се наоѓа на Градскиот плоштад, а во која повеќепати пропаѓаа возила.

Воедно, на советничко прашање за функционирањето на чешмите за пиење на вода низ градот тој информираше дека јавното претпријатие „Водовод и канализација“ веќе работи на терен и оти повеќе од 210 чешми веќе работат.

–Иста е состојбата и со фонтаните кои во најголем дел се ставени во функција. Фонтаната „Александар Македонски“, која последните осум години не работеше, е ставена во функција, обновена е и работи и фонтаната „Лотосов цвет“ пред Градскиот парк – нагласи Ѓорѓиевски.

Што се однесува на состојбата со јавните тоалети, на што забележаа советниците, Ѓорѓиевски рече дека во моментов тие се на „Тојфор“, но најави дека во подготвителна фаза се три современи тоалети, од кои еден ќе биде поставен во Градски парк, еден на плоштадот „Филип II“ и еден во близина на Градскиот плоштад.

Тој повторно говореше за проектот БРТ, за кој рече дека е во фаза претквалификација и оти набргу ќе биде распишан тендер.

Уште еднаш потенцираше дека трасата на БРТ нема да минува низ средишното зеленило, туку нагласи дека ќе има дополнителни две површини со зеленило кои ќе бидат како обрач по трасата каде што ќе се движат автобусите. Притоа, повтори дека проектот, пред да започне реализацијата за која рече дека ќе започне до крајот на оваа година, ќе ѝ биде презентиран на јавноста.

–Ќе има јавна презентација. Проектот ќе биде претставен пред граѓаните, медиумите и пред вас, советниците. Сите ќе бидат запознаени со деталите – рече Ѓорѓиевски.

Инаку, од вчера се применува нова практика кога се во прашање седниците за поставување советнички прашања. Наместо како што беше претходно, по секое поставено прашање да одговори градоначалникот или службите, сега прво беа поставувани сите советнички прашања, па потоа на нив одговараше првиот човек на Градот.

Ќе се реконструира киното „Милениум“,  а ќе се обноват градската библиотека и Планетариумот во МКЦ

Култното кино „Милениум“ ќе се реконструира, ќе се обнови библиотеката „Браќа Миладиновци“, како и Планетариумот во МКЦ, како дел од подготовките во пресрет на 2028 година кога Скопје ќе ја носи титулата „Европска престолнина на културата“, а финансирањето на овие проекти од особено значење за градот ќе биде обезбедено со ребалансот на буџетот на Град Скопје.

Со предлог-изменувањето и дополнувањето на Буџетот на Град Скопје за 2026 година, поднесен од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, за кој расправаа градските советници, се предвидуваат финансиски средства за реализација на многубројни проекти од областа на урбаното планирање, локалниот економски развој, комуналните работи, спортот, образованието и заштитата на животната средина. Посебен акцент се става на реализацијата на проектите од областа на културата.

Меѓу другото, на дневниот ред на денешната седница на Советот на Град Скопје беа и предлог-планот за изменување и дополнување на планот на програмите за развој за периодот 2026-2028 година, според кој се одобруваат средства за изградба на нова противпожарна станица за Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Со изградбата на новиот објект се очекува зголемување на брзината на реакција на пожарникарите за технички интервенции, спасување човечки животи и ефикасна заштита од пожари во урбана средина и на отворен простор.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ