вторник, јуни 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СЕ РАЗБИСТРУВА ЛИ ПОЛИТИЧКАТА ПЕРСПЕКТИВА ЗА СЛЕДНАТА ГОДИНА?: Предвремени избори можни, една...

СЕ РАЗБИСТРУВА ЛИ ПОЛИТИЧКАТА ПЕРСПЕКТИВА ЗА СЛЕДНАТА ГОДИНА?: Предвремени избори можни, една изборна единица невозможна

Премиерот Христијан Мицкоски, кој пред еден месец најавуваше дека „набрзо ќе има избори“, завчера одново ја заживеа идејата за можно гласање в година со изјавата дека „не ја исклучува можноста за предвремени избори“. Тезата дека за десетина месеци би можеле да се случат нови избори доби најголем стимул со она што се случува околу носењето на промените во Изборниот законик чие финиширање е најавено за 12 јуни, и покрај несогласување на дел од претставниците, кои се незадоволни бидејќи не се расправало за воведувањето на една изборна единица

0

Можни предвремени избори, но без бараната промена со воведување на една изборна единица. Ваков е текот на политичките случувања во земјава, кој сè повеќе се движи кон своето разбистрување на дилемата што би можело да се очекува следната 2027 година. За тоа најмногу се погрижија премиерот Христијан Мицкоски и партиите што ги договараат измените во Изборниот законик, а на нив се надоврзуваат и анкетите за партиските рејтинзи, најавите за забрзано носење реформски закони, па сè до владината реконструкција која треба да се изврши во втората половина од месецов. Првиот човек на Владата, на вчерашниот брифинг во етер одново ја уфрли можноста в година да се одржат предвремени парламентарни избори.

– Половина мандат веќе помина и секоја влада треба да биде спремна за следниот изборен процес. Не ја исклучувам можноста предвремените парламентарни избори да се случат 2027 – изјави на брифингот Мицкоски.

Новата најава за можно предвремено гласање на граѓаните доаѓа само еден месец откако тој првпат посериозно ја најави можноста за предвремено гласање кога кажа дека „набрзо ќе има избори“. Но, по реакциите во јавноста, тој ретерираше со изјавата дека „би сакал да имаме редовни избори кои ќе се случат во пролетта 2028 година“. Сега, можноста за одење на изборите повторно е оживеана. Во инфузијата со која одново заживеа таквата можност сигурно треба да се додадат и резултатите од последните анкети што ги правила неговата владејачка партија минатиот месец, а кои, исто така, беа промовирани на брифингот. Тие, пак, покажуваат значителна предност на владејачката ВМРО-ДПМНЕ од 25,5 проценти наспроти 8,6 отсто колку што има најголемата опозициска партија СДСМ. Таков рејтинг и анкетна разлика даваат многу поголем аргумент и процена гласањето, со цел да се добие уште еден четиригодишен владин мандат, да се одржи следната пролет, а не за две години.

Ново напуштање на работната група

Но, се чини, тезата дека за десетина месеци би можеле да се случат изборите, завчера, доби најголем стимул со она што се случува околу носењето на промените во Изборниот законик. По седмата седница на меѓупартиската работна група која заседава без претставници на СДСМ, Министерството за правда објави дека договорените промени ќе се финализираат на претстојната седница на 12 јуни и по што ќе се достават во понатамошна процедура. Досега, познато е дека се договорени промени во повеќе одредби врз основана препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но не и клучното барање со кое стартуваше групата – промената на изборниот модел од шест во една изборна единица и воведување отворени изборни листи. Според сознанијата, таа тема завчера била само начелно отворена, по што било констатирано дека има разлики меѓу барањата и ставовите на партиите поради што било тешко да се постигне консензус. Од таа причина, за една изборна единица и отворени листи воопшто и не се расправало понатаму, со што е речиси извесно дека таквата промена нема да биде содржана во финалната верзија која ќе биде договорена во петокот. Ова предизвика големо незадоволство кај опозициската ЛДП, чија лидерка, Моника Зајкова, денеска ни изјави дека без внесувањето на една изборна листа и отворени партиски листи, ќе ја напуштат работната група на седницата в петок.

– Целта на работната група и амбицијата со која стартуваше беше суштински да се смени изборниот модел. Ние не можеме да се задоволиме со некакви козметички промени какви што досега се договорени. Ние немаме намера да бидеме декор на масата. Ако в петок, на седницата не се отвори расправа и не се постигне договор за една изборна единица и за отворени листи, ние ќе ја напуштиме работата. Не прифаќаме никакво одложување за некаков следен период – изјави Зајкова за весникот ВЕЧЕР.

На нашето прашање како понатаму би се однесувале во Собранието при процедурата на извојувањето на законските промени, односно, дали би го блокирале процесот, таа одговори дека ќе поднесат амандмани.

– Ние нема да правиме филибастеринг, но ќе поднесеме амандмани за суштински промени, но и целосен предлог на законот за воведување на една изборна единица и отворени листи, каков што требаше сега да се договори. Сега се покажува дека власта, кога ѝ треба, ги турка законите без консензус, а кога не ѝ одговара се повикува на консензус – нагласи Зајкова.

Дилеми во јавноста се појавија и со најавите дека најголемата опозициска партија СДСМ би можела да го блокира изгласувањето на промените во Изборниот законик. Нивниот координатор, Оливер Спасовски, ни изјави дека чекаат да ја добијат верзијата на промените, по што ќе решат што да прават.

– Се покажа дека сме биле во право што сме ја бојкотирале работата на групата за промени во Изборниот законик. Се виде дека не се работи принципиелно и дека воопшто не се разговарало за суштинска промена на изборниот модел, а што требаше да биде главна цел. Дали ќе блокираме, ставот ќе го изградиме по добивањето на предлогот. Од ова јасно се гледа дека власта се подготвува за избори.

Арта Биљали, од ДУИ, која е член на работата група, ни рече дека консензус околу една изборна единица не бил можен оти се изнесувале најразлични предлози – од една па до осум изборни единици, со различни изборни цензуси и различен модел на отворени листи.

– Од таа причина, не расправавме понатаму. На седницата в петок треба да се сретнеме со претставниците на ДИК, на Агенција за медиуми, на Антикорупциска комисија и други за да ги вградиме и нивните забелешки – изјави Биљали за весникот ВЕЧЕР.

Неизвесна собраниска процедура

По ова, останува прашањето на кон начин ќе се турка носењето на промените во Изборниот законик во Собранието. Од  партиските ставови произлегува дека консензусот, кој претходно беше договорен, нема да може да биде постигнат. Но, доколку владиното мнозинство се реши Законикот да биде донесен, со оглед на обврските тој да се донесе во јуни, тогаш ќе стане јасно дека ќе биде ставено уште едно камче во мозаикот за проектот за предвремените избори в година. Намерите на премиерот, пак, ќе се видат и од обемот на планираната владина реконструкција, која ја закажал за втората половина од месецов. Најверојатно, утревечер ќе завршат внатрепартиските избори на новите општински раководители во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и по што, како што најавуваше премиерот, ќе стартуваат разговорите со партнерите во Владата. Според политичките аналитичари, евентуалниот договор со кој реконструкцијата би опфатила помал број министерски места би водел кон заклучокот дека тоа е во функција и на предвремените избори. И обратно, поголеми промени во владините ресори би им дале право на оние што сметаат дека граѓаните, на новото гласање, би оделе за две години. (Б. Ѓ.)

Павле Трајанов: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не сакаат да си го напуштат монополот

Павле Трајанов, лидер на Демократски сојуз, кој е дел од владината коалиција, ни рече дека најголемите партии се против промените.

– Демократскиот сојуз, како и другите партии, бараше коренити и суштински промени во Изборниот законик бидејќи сегашните правила ги фаворизираат големите партии. Ние се залагавме да се сменат правилата за финансирање на партите и државата веќе да не им плаќа на партиите за изборните кампањи. Но, најважното беше да се изврши промена и да се воведе една изборна единица, но кое сега, очигледно, не се прифаќа. Од тоа произлегува дека и натаму останува еднопартискиот систем на владеење и дека во Македонија нема да има промени додека има ваков систем. Тој систем не дава во земјава да се направат стратешки промени, иако граѓаните ги бараат, но ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го блокираат тоа. Флоскули се изјавите дека за тоа треба општ консензус. Во државен интерес е да има една изборна единица, но овие партии не сакаат да си го напуштат монополот – ни изјави Трајанов.

ИЗДВОЕНИ