И покрај тоа што во изминатите неколку години цените на становите во Скопје бележат континуиран раст, кириите не го следат истото темпо. Според експертите за недвижности, една од главните причини е зголемената понуда на новоизградени станови, која создаде конкуренција на пазарот за изнајмување и го ограничи растот на закупнините. Токму поради релативно ниските кирии во споредба со другите европски градови, Скопје во последните години станува сѐ поатрактивна дестинација за странските студенти, ИТ-номадите, фриленсерите, а особено за економските работници. За многумина од нив, Скопје нуди значително пониски трошоци за живот, а притоа обезбедува добра интернет-инфраструктура, урбани содржини и поволна географска положба.
Најновото истражување на „Евростат“ покажува дека Скопје е меѓу европските градови со најниски цени за изнајмување станови. Просечната месечна кирија за стан со две спални соби во 40 европски града се движи од 470 евра во Скопје до дури 3.350 евра во Женева. Ова ја позиционира македонската престолнина на самото дно на европската листа според висината на закупнините.
Аналитичарите оценуваат дека ваквата состојба е резултат на неколку фактори. Освен зголемената станбена изградба во изминатата деценија, на пазарот се појавија и голем број станови купени како заштита од инфлацијата и како долгорочна инвестиција.
– Во Скопје, во изминатите години се изградија огромен број станови и практично се создаде хиперпродукција. Кога е поголема понудата од побарувачката, логично е да дојде до намалување на кириите. Во моментов, во државата има околу 100.000 празни стана, а голем дел од нив се наоѓаат токму во Скопје. Сопствениците се принудени да ги издаваат по поприфатливи цени за да не им стојат празни со месеци или со години. Ниските кирии го направија Скопје атрактивна дестинација за странците, особено за економските работници. За разлика од повеќето европски метрополи, каде што трошоците за домување достигнаа рекордни нивоа, кај нас сѐ уште може да се најде солиден стан по значително пониска цена. Поради тоа, Македонија за многумина веќе не е само попатна станица туку и место каде што остануваат подолг временски период – изјави за весникот ВЕЧЕР градежниот експерт Никола Велковски.
Според него, дополнителен фактор е тоа што голем број граѓани купиле станови не за живеење, туку како инвестиција и заштита на капиталот од инфлацијата.
– Кај нас, недвижностите долго време се сметаа за најсигурна инвестиција. Многумина купуваа станови со намера да ја зачуваат вредноста на своите заштеди, а не затоа што им беа потребни за домување. Денес, на пазарот има голем број такви станови, кои се нудат за изнајмување, што дополнително ја зголемува конкуренцијата меѓу сопствениците. Токму затоа и покрај континуираниот раст на цените на недвижностите, кириите не растат со истото темпо. Големата понуда ги задржа закупнините на релативно ниско ниво и Скопје денес е меѓу градовите со најевтини кирии во Европа – додава Велковски.
Тој додава дека за разлика откај нас, каде што речиси 90 отсто од населението живее во сопствен стан, во Европа ситуацијата е обратна. Причината е што претежно се самци или млади брачни парови без деца и не се оптоваруваат да имаат сопствен имот. Од друга страна, имаат добри приходи и може да си дозволат да плаќаат кирија. Друга причина поради која не се купуваат станови се високите даноци на имот и другите давачки што ги плаќа сопственикот.
И од агенциите за недвижности потврдуваат дека една од главните причини за релативно ниските кирии е големата понуда на станови на пазарот. Според нив, во одредени делови од Скопје бројот на станови што се нудат за изнајмување е значително поголем од бројот на заинтересирани закупци, поради што сопствениците сѐ почесто се принудени да ги намалуваат цените.
– Има станови што со месеци стојат празни бидејќи побарувачката не може да ја следи понудата. Поради тоа, сопствениците се принудени да прават постојани корекции на цените за да најдат закупци. Не е реткост стан што првично бил огласен за 400 евра месечно, по неколку месеци да се издаде за 250 евра. Во вакви услови, за сопствениците е подобро станот да биде издаден по пониска цена отколку да остане празен и да генерира дополнителни трошоци за одржување, комуналии и даноци – велат за весникот ВЕЧЕР од агенција за недвижности.
Оттаму додаваат дека во последните години на пазарот се појавиле голем број новоизградени станови, што дополнително ја зголемило конкуренцијата меѓу издавачите.
– Денес, закупците имаат многу поголем избор отпорано и може полесно да преговараат за цената. Ако еден сопственик не сака да ја намали киријата, заинтересираните едноставно се префрлаат на друг стан со слични карактеристики. Токму затоа кириите не го следат растот на цените на недвижностите и остануваат на релативно ниско ниво во споредба со европските градови – објаснуваат од агенцијата.
Меѓу европските престолнини, најскапи за изнајмување станови се Лондон, Даблин и Стокхолм. Просечната месечна кирија за двособен стан во Лондон достигнува 3.050 евра, додека во Даблин и во Стокхолм изнесува околу 2.650 евра. Следуваат Осло со 2.550 евра и Париз со 2.500 евра месечно.
Во групата градови со највисоки кирии се и Копенхаген, Луксембург, Рејкјавик, Хаг, Берн и Минхен, каде што за двособен стан се плаќаат повеќе од 2.000 евра месечно. Во Берлин, просечната кирија е 1.750 евра, во Мадрид 1.700 евра, а во Рим околу 1.650 евра.
На спротивниот крај од листата се наоѓаат Скопје и Приштина. Според истражувањето, просечната кирија за стан со две спални соби во Скопје изнесува 470 евра месечно, што ја прави македонската престолнина најевтин град меѓу 40. анализирани европски града. По неа следуваат Приштина со 520 евра и Анкара со 770 евра.
Експертите објаснуваат дека високите кирии во западноевропските метрополи се резултат на големата побарувачка, ограничената понуда на станови и присуството на голем број меѓународни компании, студенти и високоплатени работници. Од друга страна, во Скопје и во другите градови од регионот понудата на станови е значително поголема, што ги одржува кириите на пониско ниво.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека висината на киријата не ја покажува целосната слика за достапноста на домувањето. Иако кириите во Скопје се пониски, и платите се значително пониски во споредба со европските држави, па товарот врз домашниот буџет често останува висок.
(А. С.)












