Фискалниот совет предупреди на промена во структурата на јавните финансии со вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, со кој се намалуваат средствата за капитални инвестиции, додека буџетскиот дефицит останува на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 % од бруто-домашниот производ. Според Советот, ваквата поставеност значи дека дел од задолжувањето наместо за инвестиции се користи за финансирање тековни расходи.

– Во однос на иницијалниот Буџет, целото зголемување на расходите од 6,3 милијарди денари се однесува на тековните расходи, па дефицитот над 3 % од БДП веќе не се финансира за капитални инвестиции, туку за тековна потрошувачка – се наведува во мислењето на Фискалниот совет, потпишано од претседателот Абдулменаф Беџети.

Со вториот ребаланс, капиталните расходи, заедно со ставката КАПЕФ, се намалуваат од 46,5 на 40,1 милијарда денари, односно за 13,6 % во однос на јулскиот план. Истовремено, социјалните трансфери се зголемуваат за околу 3,7 милијарди денари, од кои 1,34 милијарди се наменети за пензии, 1,44 милијарди за социјални надоместоци, а 887 милиони денари за здравствена заштита.

Фискалниот совет посочува дека планираниот дефицит е за околу 6,1 милијарда денари повисок од средствата предвидени за капитални расходи, што претставува отстапување од таканареченото „златно правило“ во јавните финансии – задолжувањето првенствено да се користи за инвестиции.

Дополнителна загриженост предизвикува динамиката на трошењето. До крајот на август биле реализирани 38,2 милијарди денари дефицит, односно 82,5 % од годишно планираниот износ. Советот предупредува дека без построга контрола на расходите постои ризик од надминување на планираниот дефицит до крајот на годината.

Во меѓувреме, планираното бруто-задолжување е зголемено за 11,3 милијарди денари, на 152,5 милијарди денари. Јавниот долг на крајот на јуни достигнал 58,8 % од БДП, приближувајќи се до законскиот лимит од 60 %. Дополнително, доспеаните, а неизмирени обврски на јавниот сектор надминуваат 700 милиони евра.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги оправдува измените со променетите економски услови, намалените приходи од акцизи и потребата од мерки за заштита на граѓаните и компаниите. Според неа, кратењата кај капиталните проекти се поврзани со побавната реализација, додека инфраструктурните инвестиции и поддршката за општините продолжуваат.

Вториот предлог-ребаланс е во собраниска постапка. Амандманската расправа во Комисијата за финансирање и буџет започна на 22 октомври, а за предлогот се поднесени повеќе од 120 амандмани. Продолжението на седницата дополнително ќе биде закажано.

Во меѓувреме, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информира дека во Министерството интензивно се работи и на подготовката на Буџетот за 2027 година, додека во Собранието трае расправата за ребалансот за тековната година.

– И кога е празник и викенд, обврските не застануваат кога работиме за нешто што е важно за сите граѓани. Додека во Собранието се расправа за ребалансот на Буџетот за 2026 година, во Министерството за финансии интензивно работиме на подготовката на Буџетот за 2027 година – наведува министерката.

Таа посочува дека подготовката на буџетот подразбира многу разговори, идеи, одлуки и часови посветена работа, нагласувајќи ја важноста на тимската работа и заедничката одговорност за управувањето со јавните финансии.

– Продолжуваме заедно, затоа што одговорноста не познава празници – порачува Димитриеска-Кочоска.

ИЗДВОЕНИ