Спортскиот дух, истрајноста и љубовта кон татковината ја одбележаа 11. атлетска трка „23 Октомври“, посветена на Денот на македонската револуционерна борба, која се одржа во саботата.
Од споменикот на ВМРО, покрај Порта Македонија, низ плоштадот „Македонија“ и преку Камениот мост, покрај Музејот на македонската борба за самостојност и театарот, па преку мостот „Гоце Делчев“ и долж кејот на Вардар, учесниците испишаа уште една убава спортска приказна во срцето на Скопје.
На делниците од 5 и 10 километри, секој учесник покажа дека со волја, дисциплина и упорност се надминуваат предизвиците и се стигнува до целта!
Петта година по ред, Општина Гази Баба е покровител на оваа манифестација, која ги поврзува спортот, заедништвото и почитта кон македонската историја.
– Искрени честитки до Томислав Спасевски за посветеноста, љубовта и за ентузијазмот со кои ја негува оваа традиција, во чест на Македонија и нејзините херои. Спортот нè учи да веруваме во себе, да го почитуваме другиот и да не се откажуваме пред пречките. Затоа ќе продолжиме да поддржуваме настани што ги обединуваат луѓето и ги поттикнуваат младите на активен и здрав живот – соопштија од Општина Гази Баба.












