Општина Кисела Вода да интервенира до Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, за поместување на автобуската постојка на линијата со број 24 (која сообраќа од Тафталиџе кон Кисела Вода) и нејзино поставување спроти маркетот „Жито“, да интервенира до Град Скопје за обележување на пешачкиот премин на улицата „Христо Татарчев“ кај „Солопром“, се дел од барањата на жителите од УЗ „Кисела Вода“ на работната средбата со градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска, заедно со претставниците и раководителите на секторите од општинската администрација .

Воедно побарале и интервенција до МВР за зачестени полициски контроли во делот кај болницата за зависници со цел зголемување на безбедноста.

Жителите ја истакнале и потребата од воведување на зонско паркирање на територијата на УЗ „Кисела Вода“.

Исто така, била побарана реконструкција на кракот на улицата „14. Декември“ зад пазарчето, како и забрзување на процесот околу донесувањето на ДУП за Расадник и планот за Ј-20/10.

– Меѓу инфраструктурните приоритети беа посочени и реконструкцијата на фекалната канализација на улицата „Мери Бошковска“, реконструкција на два крака во должина од 50 и 100 метри на улицата „Димитар Гешоски“, како и пробивање на оградената патека зад спортското игралиште на „Димо Хаџи Димов“ – соопштија од Општина Кисела Вода.

Оттаму информираат дека стручните служби детално ги нотирале сите изнесени барања, со цел истите да бидат анализирани и во најкус можен рок спроведени во конкретни решенија.

На средбата бил направен и пресек на досега реализираните активности.

– Присутните граѓани упатија благодарност за реконструкцијата на урбаната опрема во паркот „Македонија“ и обновеното спортско игралиште на улицата „Димо Хаџи Димов“. Истовремено, позитивно беше оценето и навременото косење на нараснатите тревни површини низ населбата, со што континуирано се одржува јавното зеленило – велат од локалната самоуправа.

Средбата со жителите на УЗ „Кисела Вода“ е во рамките на теренските посети низ општина Кисела Вода.

 

ИЗДВОЕНИ