недела, октомври 25, 2026
Дома БАЛКАН „Гласот на народот е глас Божји – ако изгубиме, ќе го признаеме...

„Гласот на народот е глас Божји – ако изгубиме, ќе го признаеме поразот, ако победиме, никој нема да ни ја одземе победата“, рече Вучиќ по гласањето

2
EPA/ANDREJ CUKIC

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес, по гласањето во Нов Белград, изјави дека ќе ја прифати изборната волја на граѓаните доколку неговата листа загуби на вонредните парламентарни избори. Истовремено, тој рече дека, во случај на победа, нема да дозволи таа да биде оспорена.

Вучиќ, кој гласаше заедно со својата сопруга Тамара Вучиќ, упати апел изборниот ден да помине мирно и изрази очекување дека резултатите ќе ја одразат демократската волја на гласачите.

„Како што секогаш сум велел, на избори може да се победи или да се изгуби. Ние секогаш ќе се однесуваме одговорно. Ако изгубиме, ќе ја признаеме изборната волја, а ако победиме, никој нема да ни ја одземе“, им рече Вучиќ на новинарите, пренесува Танјуг.

Зборувајќи за важноста на изборите, Вучиќ оцени дека граѓаните одлучуваат во која насока ќе се движи Србија во наредниот период.

Истовремено, тој упати критики кон претходните периоди на владеење, спомнувајќи ги приватизациите, економските проблеми и, како што наведе, политичкото понижување на државата и народот.

„Волјата на народот е волја Божја. Vox populi, vox Dei“, рече Вучиќ, користејќи латинска изрека која во превод значи „гласот на народот е глас Божји“.

На прашањето од новинарите кога ги очекува првите изборни резултати, Вучиќ одговори дека прелиминарните проценки би можеле да бидат познати околу 22:00 или 22:30 часот.

Тој најави дека пред јавноста ќе бидат изнесени податоци за кои тврди дека ќе бидат точни со прецизност од 0,1 отсто.

Одговарајќи на прашања од странски медиуми, Вучиќ изрази очекување дека излезноста ќе биде висока и дека граѓаните на Србија слободно ќе ја изразат својата политичка волја.

Тој повтори дека неговата листа ќе го признае поразот доколку загуби, додека во случај на победа, најави продолжување на актуелниот политички курс.

Новинарите исто така прашаа каква би била неговата прва одлука доколку по изборите стане лидер на опозицијата. Вучиќ одговори дека не смета дека е однапред одредено оти тој автоматски ќе ја преземе таа улога, истакнувајќи дека во Србија постојат неколку опозициски партии со кои би требало да разговара во такво сценарио.

„Морам да разговарам со нив. Ќе видиме дали ќе завршам во опозиција или на власт. Тоа ќе го дознаеме вечерва“, рече Вучиќ.

Според него, исходот од изборите ќе го одреди идниот политички тек на настаните во Србија.

ИЗДВОЕНИ