УЈП најавува мерки за оние што нема доброволно да го пријават доходот, но подароците, семејната поддршка и позајмувањата не се оданочуваат автоматски
Граѓаните кои во текот на 2021 година оствариле доход од странство, почнаа да добиваат персонализирани известувања од Управата за јавни приходи (УЈП) со повик во определен рок да ги исполнат своите даночни обврски. Постапката следува по проверките на податоците за приливите од странство добиени од банките, а се однесува на приходи остварени пред пет години.
Од УЈП информираат дека известувањата се испраќаат до физички лица – резиденти на Македонија за кои постојат податоци дека оствариле доход од странство. Сепак, тоа не значи дека секој граѓанин кој добил известување автоматски има обврска да плати данок.
– Не секој доход остварен од странство подлежи на оданочување во Македонија и соодветно не секој граѓанин кој добил порака за остварен доход од странство треба да поднесе е-ППД пресметка – појаснуваат од Управата за јавни приходи.
На удар се фриленсерите, хонорарците и други видови приходи
Обврската за пријавување се однесува на доходот што подлежи на оданочување согласно со Законот за данокот на личен доход. Во оваа категорија спаѓаат платите, хонорарите и приходите од интелектуални услуги и фриленс-работа, но и приходите од издавање недвижности преку платформи како „Ербиенби“ и „Букинг.ком“.
Предмет на оданочување може да бидат и капиталните добивки од продажба на имот, криптовалути и хартии од вредност, како и дивидендите, каматите, авторските права, добивките од игри на среќа и други приходи предвидени со закон.
Од УЈП ги повикуваат граѓаните да проверат дали нивните приливи претставуваат оданочив доход и, доколку постои таква обврска, навреме да поднесат електронска пресметка на аконтацијата на данокот – е-ППД – и да ја уплатат утврдената сума.
Подароците и позајмувањата не се оданочуваат автоматски
Од Управата нагласуваат дека самото примање пари од странство не значи дека станува збор за приход што подлежи на оданочување. Пари добиени како подарок, семејна финансиска поддршка или позајмување, како и трансфери преку „Вестерн јунион“, „Риа“, „Манигрем“ и слични сервиси, не се оданочуваат автоматски само затоа што пристигнале од странство.
– Даночниот третман зависи од вистинскиот основ на приливот и од тоа дали станува збор за доход што подлежи на оданочување согласно со законските одредби – наведуваат од УЈП.
Затоа, граѓаните треба да располагаат со соодветни докази за потеклото и намената на парите, особено доколку станува збор за семејна помош, подарок или заем.
МН: Ако данокот не е платен во странство, стапката е 10 проценти
За доходот што подлежи на оданочување, а за кој не бил платен данок во странската држава, даночната стапка изнесува 10 проценти, согласно со информациите наведени во претходните известувања на Управата. Кај граѓаните кои работеле во држави со кои Македонија има склучено договор за избегнување на двојното оданочување, потребно е да се достави доказ за платениот данок во странство, за да се утврди обврската во земјава.
Од УЈП предупредуваат дека доколку граѓаните не постапат доброволно во определениот рок, институцијата ќе преземе мерки во рамките на своите законски надлежности за утврдување и наплата на данокот.
– Управата за јавни приходи апелира до сите физички лица кои примиле прилив од странство да ја проверат својата даночна обврска и, доколку е потребно, навремено да поднесат електронска пресметка на аконтацијата на данокот и да ја извршат уплатата на утврдениот данок – се наведува во соопштението.
Лани наплатени 2,8 милиони евра за приходите од 2020 година
Ова не е прва ваква постапка на Управата. Минатата година, УЈП започна со испраќање решенија за неплатен данок на приходи остварени во странство во текот на 2020 година. Тогаш беа опфатени околу 9.000 граѓани, меѓу кои студенти и работници ангажирани во Ирак и Авганистан. По тој основ биле наплатени 2,8 милиони евра.
Постапката за приходите од 2021 година сега продолжува по завршувањето на активностите поврзани со претходната година. Засега нема прецизни податоци за тоа колку граѓани ќе бидат опфатени со новите известувања, ниту колкав износ се очекува да биде наплатен. Граѓаните кои добиле известување треба внимателно да го проверат основот на приливот, да ја утврдат евентуалната даночна обврска и во предвидениот рок да постапат согласно насоките на Управата за јавни приходи.
(С. Бл.)












