Пазарот на нови патнички автомобили во Европската Унија забележал пораст од 5,7 % во периодот од јануари до септември 2026 година, и покрај предизвиците од постојаниот раст на цените на енергентите и геополитичките неизвесности. Најголем пазарен удел и натаму имаат хибридните автомобили, додека целосно електричните возила бележат значително зголемување на регистрациите.
Побарувачката за електрифицирани возила останала силна, особено на најголемите европски пазари, поттикната од мерките за поддршка на купувачите и пошироката понуда на модели. Хибридните автомобили биле најпопуларниот избор со 36,3 % од пазарот, додека целосно електричните возила достигнале удел од 22,7 %, а плуг-ин хибридите 10,1 %.
Во првите девет месеци од годинава во ЕУ биле регистрирани 1.931.465 нови целосно електрични автомобили, со што овој вид погон се позиционирал како втор најпопуларен избор меѓу купувачите. Нивниот пазарен удел е зголемен од 16,1 % во истиот период минатата година на 22,7 % во 2026 година.
Регистрациите на хибридни автомобили достигнале 3.090.530 возила во периодот од јануари до септември. Со пазарен удел од 36,3 %, хибридните модели остануваат најзастапени меѓу новорегистрираните автомобили во Унијата.
Позитивен тренд продолжува и кај плуг-ин хибридите. Во првите девет месеци од 2026 година биле регистрирани 860.257 вакви возила, а нивниот пазарен удел се зголемил на 10,1 %, во споредба со 9 % во истиот период минатата година.
Наспроти растот кај електрифицираните возила, бензинските и дизел-автомобилите продолжуваат да губат пазарен удел. Регистрациите на бензински автомобили во ЕУ се намалиле за 19,1 % до крајот на септември. Во периодот од јануари до септември биле регистрирани 1.802.078 нови бензински автомобили, а нивниот пазарен удел се намалил на 21,2 %, од 27,7 % една година претходно.
Сличен тренд е забележан и кај дизел-автомобилите, чии регистрации се намалиле за 19,5 %. Нивниот удел во вкупните регистрации на нови автомобили во ЕУ паднал на 7,1 %, наспроти 9,3 % во истиот период во 2025 година. Заедничкиот пазарен удел на бензинските и дизел-автомобилите се намалил на 28,2 %, во споредба со 36,9 % една година претходно.












