Од Општина Крива Паланка известуваат дека почнале активностите за реконструкцијата на патниот правец Калин Камен, во должина од 6 километри.
– Во моментов е во тек изградбата на адреналински парк, нова туристичка атракција која наскоро ќе биде достапна за посетителите. Со реконструкцијата на патниот правец кон Калин Камен се олеснува пристапот до ова место и се обезбедуваат подобри услови за секојдневното движење и живот во регионот. Овој проект претставува значаен чекор напред за развој на туризмот и поттик за локалното угостителство и бизнисите во општината – соопштија од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека модернизираниот пат ќе овозможи побрз, побезбеден и полесен пристап до езерото, и другите локални содржини, како и олеснет пристап за мештаните.
– Овој проект е инвестиција во иднината на Калин Камен, отвора нови можности за економски пораст и придонесува за подобрување на условите за живот на целата заедница – нагласуваат од Општина Крива Паланка.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, истакна дека со овој проект, покрај тоа што се подобруваат условите за мештаните, како што кажа, овој чекор значително ја развива туристичката понуда и ги отвора вратите за нови можности за локалното угостителство.
–Калин Камен станува посилна туристичка дестинација и поттик за развој на целиот регион – Митовски.
Вредноста на проектот е 61.116.772,50 денари со вклучен ДДВ. Изведувач е ДППУ „Сандра Инженеринг“ ДОО од Скопје. Проектот е финансиран од Министерство за транспорт.












