четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Кубанците излегоа на улица: Се отвора пат за реализација на заканата на...

Кубанците излегоа на улица: Се отвора пат за реализација на заканата на Трамп дека по Иран, следна е Кубa

191
EPA/ERNESTO MASTRASCUSA

Група жители на градот Морон во централна Куба излегоа на улиците рано во саботата и делумно го уништија локалното седиште на владејачката комунистичка партија. Властите соопштија дека пет лица се уапсени во демонстрации поврзани со проблемите со снабдувањето со енергија на островот и пристапот до храна, информира АП. Видеоснимки објавени на социјалните мрежи прикажуваат демонстранти како упаѓаат во канцеларијата и фрлаат камења кон запалената зграда. На едно од видеата се слушаат извици „Слобода!“, јави новинската агенција „Ројтерс“.

Ова е ретка ситуација, зашто Кубанците се плашат да излегуваат на улица поради репресиите од власта. Сепак, во последните недели граѓаните сè погласно го изразуваат незадоволството поради недостигот на храна, електрична енергија и гориво. Некои Кубанци ноќе удираат во тенџериња и тави – протестна традиција позната како „качеролазо“ – за да го изразат својот гнев поради недостигот на храна, додека преку ден стојат во долги редици дури и за леб. Студенти од Универзитетот во Хавана минатиот понеделник организираа седечки протест откако наставата беше прекината поради рестрикции на струја, јави „Ал џезира“.

Земјата претрпи повеќе прекини на електричната енергија и недостаток на гориво откако другите земји од регионот престанаа да испраќаат нафта. Кубанските власти објаснуваат дека намалувањето на резервите на мазут и на дизел било причина да се затворат двете електрани и да се ограничи производството на енергија во соларните паркови. Според нив, последното затемнување се должи на расипан котел во термоелектрична централа поради што беше исклучена електричната мрежа на Куба.

Економските услови на островот, кои и претходно беа тешки, дополнително се влошија откако пред околу три месеци, претседателот на САД, Доналд Трамп, реши да ја прекине испораката на нафта од Венецуела во обид да ја собори владата во Хавана, што е долгогодишна цел на американската цел. Освен ова, во сила е наредба на Трамп за американски санкции против секоја држава што директно или индиректно ќе ја снабди Куба со нафта.

Во петокот, кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел изјави дека води разговори со американската влада, што е прво вакво признание по бројните шпекулации дека има дијалог. Тој  рече дека, во последните три месеци, во Куба не пристигнале пратки нафта и за тоа ја обвини американската енергетска блокада.

– Целта на овие разговори беше да се најдат решенија преку дијалог за билатералните разлики што ги имаме меѓу двете нации, рече Дијаз-Канел во видео емитувано на државната телевизија кратко пред да им се обрати на кубанските медиуми, додавајќи дека во разговорите учествуваат и поранешниот кубански претседател, Раул Кастро, и други високи функционери на Комунистичката партија и на владата, без да каже кој присуствувал во име на САД.

Трамп постојано повторува дека САД се веќе во разговори на високо ниво со кубански претставници. Во говор на почетокот на месецот, тој изјави дека Куба ќе биде „следна“, откако САД ќе ја заврши војната против Иран.

–Додека постигнуваме историска трансформација во Венецуела, се радуваме и на величествената промена што наскоро ќе дојде на Куба, изјави Трамп во една пригода.

Откако во јануари го заробија најважниот странски добротвор на Куба, венецуелскиот претседател Николас Мадуро, САД ги прекинаа испораките на венецуелска нафта и се заканија дека ќе воведат царини за секоја земја што продава нафта на Куба. Во последните недели, Трамп даде серија изјави во кои рече дека Куба е на работ на колапс или дека сака да постигне договор со САД. Во понеделникот, тој рече дека Куба би можела да биде предмет на „пријателско преземање“, а потоа додаде: „Можеби тоа не е пријателско преземање“.

ИЗДВОЕНИ