Жителите на Општина Кисела Вода реагираат на тоа што надлежните не преземаат ништо за одржување на резервоарот за вода во населбата Пинтија, со што се загрозува нивното здравје.
На социјалните мрежи, тие поставиле и фотографии од кои може да се види дека е запуштен резервоарот, дека не се одржува просторот околу, дека има висока трева и дека има некастрени гранки.

Притоа, една жителка ги замолува надлежните за контрола на овој резервоар за вода, која ја користат за пиење во Пинтија, да го посетат и, како што вели, да видат колку е запоставен и напуштен со години.
– Сепак, луѓето пијат вода и не се знае што може да се случи. Би ја замолила и градоначалничката на Општина Кисела Вода да го посети и да види колку е запоставен – вели таа.
Друг жител додава дека во 2024 или во 2025 година биле на увид од Град Скопје, но оти ништо посебно не било направено. Трети, пак, коментираат на социјалните мрежи дека имаме служби само на хартија.
Од Општина Кисела Вода информираа дека градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска излегла веднаш на терен за да види што се случува со резервоарот за вода, бидејќи е на територијата на таа општина.
Инаку, надлежноста за одржување на овој резервоар за вода е на ЈП „Водовод и канализација“.
Од претпријатието информираа дека во програмата за работа на годишно ниво, на секторот ЕОК, посочениот резервоар бил ставен за тековно хортикултурно одржување во периодот од април до мај, меѓутоа, поради реакцијата на жителите, екипите за хортикултурно уредување, кои се дел од Секторот за експлоатација и одржување на капацитетите, веќе биле кај посочениот резервоар и се надеваат дека тој ќе биде комплетно уреден во текот на идната недела.
(А. П.)












