четврток, октомври 29, 2026
Дома СВЕТ Потресни искуства од Шпанија: Млада жена го бара својот сопруг по судирот...

Потресни искуства од Шпанија: Млада жена го бара својот сопруг по судирот на возови, пронајдено е само нивното куче

310
EPA/ISMAEL HERRERO

По судирот на два воза во средата, на линија во близина на Урда, жителите на овој мирен шпански град се мобилизираа за да им помогнат на настраданите. Локалниот фармацевт Антонио Гарсија (78) беше меѓу првите што пристигнаа на местото на несреќата, откако тргнал со автомобил штом ќерка му јавила за судирот.

Гарсија изјави дека дури откако пристигнал на лице место, сфатил колкави се размерите на катастрофата, во која животот го загубија најмалку 68 луѓе. Тој ја опиша глетката на еден вагон длабоко вдлабен во друг, со тела расфрлани наоколу. „Можете само да замислите како изгледаше внатре“, рече Гарсија. Тој од својата аптека донел материјали за прва помош, лекови против болки, седативи и ќебиња за повредените, пренесува „Пипл“.

Тој раскажа и за еден патник кој во судирот останал без рака, но сепак смирено побарал итна помош, како и за друг патник кој се простувал од своето семејство. „Неговите последни зборови беа: ’Бог е добар‘. За нас верниците, тоа се зборови што многу тешат“, рече Гарсија.

Други локални жители донесоа шишиња со вода за патниците кои беа евакуирани од возовите.

Неколку часа подоцна, Урда беше полна со полицајци, пожарникари и медицински екипи од целиот регион. Локалната спортска сала беше претворена во прифатен центар за преживеаните, додека основното училиште стана место за пружање поддршка на семејствата на жртвите.

Од утринава, Кармен, психолог-волонтер од Мадрид, помага во училиштето. „Имаше многу мајки кои тукушто дознаа дека нивните деца загинале. Тоа беше најтешкиот дел од денот. Ужасно е да мораш да ѝ кажеш на една мајка дека нејзиното дете загинало во железничка несреќа“, рече таа.

Некои роднини патувале и до два часа од Мадрид за да ги пронајдат своите блиски. Една жена, која се претстави како Ана, пристигна во Урда откако добила повик од полицијата. Го пронајдоа своето куче, Тресе, кое било во возот заедно со нејзиниот сопруг, Пепе.

Ана едвај ги задржуваше солзите додека раскажуваше како го барала својот сопруг на местото на несреќата, во спортската сала и во основното училиште. Таа рече дека неговото име го нема на ниту еден од списоците.

ИЗДВОЕНИ