Научните докази за здравствените придобивки од калинката се ограничени и не ги потврдуваат сите тврдења што ѝ се припишуваат.
Повеќето истражувања се фокусираат на крвниот притисок. Преглед на клинички студии од 2024 година покажа дека консумирањето калинка може да го намали систолниот крвен притисок за околу осум единици, а дијастолниот за околу три единици (мерено во милиметри живин столб). Сепак, потребни се дополнителни истражувања за со сигурност да се потврди овој ефект.
Според Националниот центар за комплементарно и интегративно здравје (NCCIH) од САД, калинките можат благо да го намалат нивото на шеќер во крвта, додека истражувањата не покажале јасен ефект врз холестеролот или другите липиди во крвта, пренесува „Кликс“.
Зрната од калинка се подобар избор од сокот. Сто грама содржат приближно 83 калории, четири грама влакна и витамин Ц, како и витамин К, фолати и калиум. Бидејќи сокот речиси и да не содржи влакна, целото овошје нуди поголеми нутритивни придобивки.
Калинките генерално се сметаат за безбедни за консумирање; сепак, кај некои поединци можат да предизвикаат дигестивни проблеми, а забележани се и алергиски реакции.
Кората, корените и стеблата можат да бидат штетни доколку се консумираат во големи количини.
Бремените жени и жените што дојат треба да бидат претпазливи во однос на препаратите на база на калинка, бидејќи нема доволно податоци за нивната безбедност. Лицата што земаат лекови треба да се консултираат со лекар пред да користат хербални препарати, поради можноста за интеракции со лековите.












