Наградата „Златна рамка“, која ја доделува ДФРМ за истакнат филмски актер, филмски автор и филмски работник, се проширува и годинава првпат ќе биде доделена и специјалната награда „Златна рамка – за особен придонес кон ДФРМ и македонската кинематографија“

Актерот Владо Јовановски, костимографката Роза Трајческа и филмскиот работник Димитар Јакимовски се добитници на почесните награди „Златна рамка“, кои Друштвото на филмски работници на Македонија годинава ги доделува по осми пат. Оваа година првпат ќе биде доделена и специјалната награда „Златна рамка – за особен придонес кон ДФРМ и македонската кинематографија“, која му припадна на Апостол Трпевски. Наградите ќе бидат врачени на свечена церемонија вечерва во Младинскиот културен центар.

Одлуката за добитниците за 2026 година ја донесе Управниот одбор на ДФРМ, во состав: Марија Димитрова, Илија Циривири, Лабина Митевска, Георги Унковски, Марко Ѓоковиќ, Атанас Велковски, Дејан Ѓошевски, Драган Спасов, Костадин Дончев, Андреј Бартлинг и Златко Калеников.

„Златна рамка за актер“ му се доделува на Владо Јовановски за неговата посветеност кон актерската професија, уметничкиот интегритет и исклучителниот придонес во развојот и афирмацијата на македонскиот филм и театар. Јовановски повеќе од три децении остава длабока трага во македонскиот театар, филм и телевизија, преку бројни впечатливи улоги во делата што ја одбележаа современата македонска кинематографија, меѓу кои „Збогум на дваесеттиот век“, „Прашина“, „Големата вода“, „Бал-кан-кан“, „Трето полувреме“, „До балчак“,  „Ослободувањето на Скопје“, како и во телевизиските проекти „Преспав“, Утре наутро“.

„Златна рамка за автор“ ѝ се доделува на Роза Трајческа, која во текот на својата долгогодишна кариера создаде препознатлив визуелен израз во бројни домашни и меѓународни филмски, телевизиски и театарски продукции, меѓу кои „Збогум на дваесеттиот век“, „Сестри“, „Домаќинство за почетници“, „Диџеј Ахмет“. Нејзината работа се одликува со исклучителна креативност, прецизност и длабоко разбирање на ликот и на филмскиот контекст, со што значајно придонесува кон уметничкиот квалитет и визуелниот идентитет на современиот македонски филм. Со својот професионализам и посветеност, Трајческа остава траен белег во развојот на костимографијата и на филмската уметност во Македонија.

„Златна рамка за филмски работник“ му се доделува на Димитар Јакимовски, кој со децении е значаен дел од македонската филмска индустрија во секторот сценографија, придонесувајќи кон реализацијата на бројни домашни и меѓународни продукции. Неговата професионалност, посветеноста и подготвеноста за соработка го прават еден од најценетите филмски работници Македонија.

Специјалната награда „Златна рамка за особен придонес кон Друштвото на филмски работници на Македонија и македонската кинематографија“ му се доделува на Апостол Трпески, како признание за неговата долгогодишна посветеност, визија и неуморен ангажман во развојот на македонскиот филм. Во својата повеќедецениска кариера како директор на фотографија, тој остави значаен авторски белег во бројни филмски, телевизиски и документарни проекти, меѓу кои „Џипси меџик“, „До балчак“ и „Златна петорка“. Како професор на ФДУ, Трпески беше учител, ментор и инспирација за бројни генерации филмски автори и сниматели, пренесувајќи им не само знаење и вештини туку и љубов кон филмската уметност. Со својата човечност, професионалниот интегритет и со несебичната поддршка на филмската заедница, тој остави трајна трага во развојот на Друштвото на филмски работници на Македонија и наследство што ќе продолжи да живее низ делата и луѓето што ги создаде и инспирираше.

ИЗДВОЕНИ