Може да поевтини струјата и да се укинат блок-тарифите со цел граѓаните да добиваат пониски сметки за електрична енергија, оценуваат од Министерството за енергетика, во услови на актуелните состојби на берзите, каде што во одредени периоди се бележат и „нула цени“, како и на зголеменото производство од обновливи извори, со што се создава простор за потенцијално намалување на цената на електричната енергија во иднина.
Друга новина што ја најави министерката за енергетика, Сања Божиновска, е дека државната енергетска компанија АД ЕСМ од следната година повеќе нема целосно да ги покрива потребите на универзалниот снабдувач со електрична енергија „ЕВН Хоум“, туку ќе обезбедува најмногу до 70 отсто од потребните количини за домаќинствата и за малите потрошувачи

Може да поевтини струјата и да се укинат блок-тарифите со цел граѓаните да добиваат пониски сметки за електрична енергија, оценуваат од Министерството за енергетика, во услови на актуелните состојби на берзите, каде што во одредени периоди се бележат и „нула цени“, како и на зголеменото производство од обновливи извори, со што се создава простор за потенцијално намалување на цената на електричната енергија во иднина.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, на денешниот брифинг со новинарите изјави дека постои реален простор за намалување на цените.
– Сега-засега има многу поевтина електрична енергија – истакна Божиновска, нагласувајќи дека институциите остануваат фокусирани на обезбедувањето сигурно снабдување за граѓаните, при што, како што додаде, постои и резервен план доколку дојде до неповолни глобални движења поврзани со енергетската криза и со геополитичките тензии.
Во однос на евентуалното укинување на блок-тарифите, таа посочи дека надлежна за тоа е Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која ги следи состојбите на пазарот и спроведува анализи. Според неа, блок-тарифите биле воведени во период кога цените на берзата достигнувале и до 700, 800, па и 1.000 евра за мегават-час, додека сега, како што рече, ситуацијата е „комплетно различна“.
– Целта е граѓаните да имаат пониски сметки. Ако РКЕ нè повика, ќе дадеме свое мислење, но одлуката е нивна – нагласи министерката, додавајќи дека актуелните пазарни услови може да отворат простор за корекции во тарифниот систем.
Таа се осврна и на состојбата со обновливите извори на енергија, посочувајќи дека според извештајот за 2025 година, 58 проценти од инсталираните капацитети во земјата се од обновливи извори, што е над европскиот просек од околу 50 проценти. Божиновска додаде дека ќе продолжи трендот на раст, поради зголемениот интерес за инвестиции во зелена енергија. Како пример за користење на вишоците од обновлива енергија, таа ја посочи Грција, која, според неа, ги извезува вишоците од производство на регионалните пазари, што дополнително придонесува за стабилност на енергетскиот систем.
Според Божиновска, расте интересот за нови капацитети на обновливи извори на енергија. За оваа година веќе се дадени одобренија за повеќе проекти за обновлива енергија, кои би донеле дополнителен капацитет од околу 4 гигавати, како и батериски системи со инсталирана моќност од 2 гигавати. За 2027 година се пристигнати повеќе од 800 иницијативи за нови капацитети на обновливи извори на енергија. Таа посочува дека сега клучната улога ќе ја има МЕПСО, државниот оператор за пренос на електрична енергија МЕПСО, кој треба да обезбеди технички услови и приклучување на новите капацитети во системот.
– За оние што веќе се влезени во план за изградба, МЕПСО треба да даде варијанта за приклучок, инвеститорот треба да одговори дали му одговара таа варијанта, дали е согласен со цената. Потоа МЕПСО треба да го даде одобрението за приклучок. Секако, можно е технички и да не може да се приклучи некоја централа и за тоа информира МЕПСО – изјави Божиновска.
Министерката сподели со новинарите уште една важна одлука. Имено, државната енергетска компанија АД ЕСМ од следната година повеќе нема целосно да ги покрива потребите на универзалниот снабдувач со електрична енергија „ЕВН Хоум“, туку ќе обезбедува најмногу до 70 отсто од потребните количини за домаќинствата и за малите потрошувачи. Ова, како што истакна, претставува една од последните обврски во рамките на реформската агенда во енергетскиот сектор, а новиот модел на снабдување ќе значи постепено намалување на директната интервенција на државната компанија на пазарот.
Според неа, за тековната година, тендерската постапка е веќе завршена, додека од 2027 година ЕСМ ќе испорачува најмногу 70 проценти од потребите на универзалниот снабдувач.
Државата ја отвора вратата за дата-центри – без стравување од недостиг на вода и на струја
На новинарско прашање дали има земјава доволно вода и електрична енергија за најавените дата-центри, министерката за енергетика порача дека кај приватните инвестиции обврската за обезбедување на потребните услови е на самиот инвеститор, а државата само ја поставува законската и регулаторната рамка, која овозможува нивна реализација.
– Ние, како држава, ја правиме легислативата, односно можноста да може да има дата-центри кај нас – изјави Божиновска, додавајќи дека ваквите инвестиции се третираат како приватни проекти во кои инвеститорот ги презема сите обврски околу инфраструктурата и приклучоците.
Таа нагласи дека не постои непосредна причина за загриженост, бидејќи, како што рече, не станува збор за проекти што ќе се реализираат веднаш, туку за долгорочна инвестициска рамка, која допрва се развива.
– Ако станува збор за приватен инвеститор, тој ќе треба да си обезбеди и простор и приклучок за електрична енергија и вода. Тој треба да си ги обезбеди сите одобренија. Ако постои можност, ќе има и приклучок. Тоа се големи инвестиции и добро е да може да ги искористиме – додаде министерката.
Од Министерството за енергетика посочуваат и дека во јавноста постојат погрешни перцепции за потрошувачката на вода кај ваквите објекти, при што се истакнува дека технолошките решенија овозможуваат нејзино циркулирање и повторна употреба. Премиерот Христијан Мицкоски најави разговори со десетина компании заинтересирани за изградба на дата-центри во земјава, оценувајќи дека станува збор за инвестиции со висока додадена вредност и со потенцијал за економски развој.
Македонскиот рубин официјално доби државна заштита, најавена и заштита на мермерите
Mакедонскиот рубин од вчера има статус на заштитен национален минерален ресурс и уникатен полускапоцен камен, со што државата формално ја заокружува неговата институционална заштита.
– Го заштитивме македонскиот рубин. Му благодарам на Геолошкиот завод на Република Македонија за соработката. Веќе имаме нешто македонско заштитено. Продолжуваме понатаму со заштитата и на одредени видови мермер – изјави министерката Сања Божиновска на брифингот со новинарите.
Со оваа одлука, македонскиот рубин добива формален статус на национално минерално наследство, при што ќе се спроведе кампања за негова промоција во европски и во светски рамки.
Станува збор за геолошки разновиден корунд со препознатлива малиноворозова боја, која произлегува од присуството на хром во неговата кристална структура. Според стручните податоци, овој минерал се среќава исклучиво во поширокото подрачје на Прилеп и планинските делови на Мариово, што го прави редок природен феномен во европски контекст, особено поради фактот што се обработува локално. Покрај естетската и колекционерската вредност, рубинот се третира и како дел од поширокото културно и природно наследство на земјата, често истакнуван како симбол на националниот идентитет и природното богатство.
Активностите за неговата институционална заштита почнаа во септември 2025 година, а од ресорното министерство најавуваат продолжување на процесот за правна и стратешка заштита и на други минерални суровини, меѓу кои и одредени видови македонски мермер.
– Предвидено е да се заштитат и одредени видови мермер, за што допрва ќе се разговара со Геолошкиот завод и со Секторот за минерални суровини и геологија – истакна Божиновска.
(С. Бл.)












