ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ БАРА ДА СЕ ДОНЕСЕ ЗАКЛУЧОК ДЕКА БИЛАТЕРАЛНИТЕ ПРАШАЊА ЌЕ ОСТАНАТ НАДВОР ОД ПРОЦЕСОТ НА ИНТЕГРАЦИЈА
Европската Унија да донесе јасен заклучок дека билатералните прашања нема да бидат дел од процесот на интеграција, побара премиерот Христијан Мицкоски. Тој нагласи дека македонските идентитет, јазик и култура мора да бидат потврдени како константа што не може да се отвора за преговори. Според него, тоа е клучната црвена линија без која нема натамошни отстапки од македонска страна и инсистира „црно на бело“ да биде вградена во европските заклучоци.
– Нема цена, нема слава, нема моќ што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме што било. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да нè слушнат гласно и јасно: Нема пазарење со идентитетот наш македонски. Доста беше! – дециден е Мицкоски
Европските лидери да донесат заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека македонските многувековни идентитет, култура, традиција, обичаи и јазик се константа и факт и дека повеќе нема да се отвора таа тема, побара премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање во Струмица, по повод 36. роденден на ВМРО-ДПМНЕ. Со ваквата порака премиерот Мицкоски го засили политичкиот тон околу европскиот процес, нагласувајќи ги црвените линии и остриот став кон билатералните барања од Бугарија. Тој порача дека македонските власти нема да направат никакви отстапки без да има ваков заклучок како гаранција.
– Сакам јасно и гласно, одовде, на овој 36. роденден на ВМРО-ДПМНЕ, да испратиме една силна порака, која ќе допре до секој еден до европската престолнина во Брисел, дека местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија е таму, на масата во Брисел, со нив, како полноправна членка на ЕУ. Не може само за нас да важат правила и договори. Или за сите или за никој. Бидејќи ни велат дека ова било последно, дека немало да има повеќе вакви, тогаш ајде сите гласно да испратиме порака до тие што ни велат, донесете заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека е константа и факт, македонските многувековни идентитет, култура, традиција, обичаи, јази, и дека нема повеќе да ја отвора таа тема. Нема цена, нема слава, нема моќ што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме што било. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да нè слушнат гласно и јасно: Нема пазарење со идентитетот наш македонски. Доста беше! – дециден беше Мицкоски.
Премиерот се осврна и на националното несогласување што го имаат со опозицијата и ја обвини претходната власт дека ветувала дека ќе донесе живот и достоинствена, модерна, европска Македонија, а „донесе буквално уништување на сè што значи Македонија и македонско“ и договор што нè обврзува на нешто што никој од нас не помислува да го направи. Најави и борба за да се исправи неправдата.
– Но, драги браќа и сестри, тоа нема да биде спринт или кратка трка. Подгответе се за маратон, затоа што ќе мора да се бориме да ги исправиме она предавство и онаа капитулација што ги направи претходната македонска влада, најкорумпирана во историјата, за овој народ и за својата татковина. Подгответе се да се бориме и да се избориме за нашите од другата страна на границата да го остварат своето човеково право, за, конечно, да регистрираат своја институција, под која ќе можат културно да се организираат. Во раката имаме договор што го потпиша претходната влада, но, исто така, нашиот источен сосед има на маса 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права, кои велат веднаш да ја регистрираат организацијата на Македонците кај нашиот источен сосед, ОМО Илинден Пирин – рече Мицкоски.
Филипче: ЕУ не е закана за идентитетот
Во исто време, од опозицијата и од Европската Унија пристигнуваат пораки дека реформите и уставните измени остануваат клучен предуслов за отворање на преговорите, што повторно ја отвора дебатата за условите и за динамиката на европскиот пат на земјата.
Лидерот на опозицискиот СДСМ, на прес-конференција, порача дека земјава има чиста преговарачка рамка, треба да се почитуваат малцинските права и затоа Бугарите треба да влезат во Уставот. Тој посочи дека критериумите не важат само за Македонија туку и за други земји, а Историската комисија не е основа за нова или каква било блокада понатаму во процесот на интеграција, бидејќи не може некој да ни наметне некое решение за ревизија на историјата ако нашите членови во Историската комисија не се согласуваат со тоа.
– Европскиот пат се претставува како закана за националниот идентитет, што не е точно. Европската Унија се темели на почитување на различностите, јазикот и на идентитетот на сите народи. Наместо вистински реформи, се пласира реторика која создава страв кај граѓаните. Имаме чиста преговарачка рамка, во рамките на тоа треба да се почитуваат малцинските права, затоа Бугарите треба да влезат во Уставот како едно малцинство од многуте, покрај Хрватите и така натаму. И понатаму, Историската комисија, која треба да си работи, што не е нешто ново. Многу земји имале такви историски комисии. И не е точно дека само ние ја имаме таа обврска за почитување на малцинските права. И ќе дадам еден пример, сега многу свеж и актуелен, кој премиерот никако не го коментира, освен што ја нападна опозицијата, тука дека била предавничка или неконструктивна во рамките на неговиот наратив. А тоа е случајот со Украина. Тоа е случајот откако новиот унгарски премиер, за разлика од неговиот претходник Орбан, големиот пријател на Христијан Мицкоски, кој му даде една милијарда евра кредит, така направи договор со Украина и Украинците презедоа обврска да работат на изготвување план за почитување на правата на унгарското малцинство во Украина и ги почнаа преговорите со Европската Унија – рече Филипче.
Во однос на преземените обврски во 2022 година, Филипче рече дека тоа не е документ на владата на СДСМ, туку е документ потпишан со сите земји членки на Европската Унија. Според него, иднината и местото на Македонија е во Европа, а за да се бориме за малцинствата во други земји, има и други механизми, како што е Судот за човекови права во Стразбур, Европскиот парламент.
Вајц: Потребна е предвидливост во процесот
По усвојувањето на извештајот за напредокот за Македонија од страна на Европскиот парламент, известувачот Томас Вајц порача дека земјата има резултати, но уставните измени остануваат клучен услов за отворање на преговорите со ЕУ. Осврнувајќи се на билатералните односи со Бугарија и на поширокиот процес на проширување, Вајц истакна дека се забележува постепено подобрување во комуникацијата меѓу двете страни и поголема подготвеност за дијалог, што, според него, е важен чекор кон градење доверба. Тој нагласи дека билатералните спорови не треба да го блокираат европскиот пат на земјата и дека фокусот мора да остане на реформите и на исполнувањето на критериумите. Во исто време, посочи дека уставните измени остануваат формален услов за старт на преговорите со ЕУ, но и дека процесот мора да биде предвидлив за да се избегнат ново одложување и дополнителни политички условувања.
– Гледам напредок во тоа што луѓето што претходно не разговараа меѓу себе, сега почнаа да комуницираат, и од бугарска страна и од страна на Северна Македонија. Постои разбирање дека заедничката цел е многу поголема од некои билатерални недоразбирања, кои сè уште постојат. Таа цел се однесува на економијата, општеството, културата и на заедничката историја, а особено на безбедноста и на европската иднина на двете држави. Во исто време, уставните измени остануваат јасен услов за отворање на преговорите и тие можат да се иницираат во секој момент во македонскиот Парламент – рече Вајц.
Тој порача дека постои разбирање за позицијата на македонската Влада, која стравува од дополнителни услови и нагласи дека ЕУ мора да обезбеди поголема предвидливост на процесот.
Со 411 гласа „за“ 120 против и 120 воздржани, Европскиот парламент вчера го изгласа извештајот за напредокот на Македонија. Европратениците во Стразбур го усвоија извештајот, но го отфрлија обидот за бришење на ставот 73, со што останува барањето Историската комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“, како и терминот „заедничка историја“. Извештајот ја потврдува и обврската за уставни измени како услов за следните чекори во евроинтеграциите, но известувачот за земјава, Томас Вајц, ја повика Европската Унија да ги испорача ветувањата кон Македонија.
(В. С. Н.)
Радев одбива средба со Мицкоски: Немаме што да си кажеме
Политичкото раководство во Скопје прави сè што може за да го оддалечи членството на својата земја во Европската Унија, рече вчера бугарскиот премиер, Румен Радев, во изјава за бугарските медиуми. Радев беше категоричен дека во овој момент не гледа потреба од средба со премиерот Мицкоски, посочувајќи дека нема што да си кажат, бидејќи проблемот не бил билатерален.
-Ние немаме што повеќе да си кажеме со премиерот на Северна Македонија. Тој треба да објаснува пред Европската Унија и Европската комисија како, конечно, ќе ги исполнат критериумите за членство – изјави Радев.
Радев го критикуваше и палењето на возилата на бугарската амбасада. Бугарскиот премиер ги обвини македонските власти дека всадуваат говор на омраза, покажуваат нетолеранција и ја користат историјата како алатка во меѓународните односи, во период кога бугарски европратеници во Стразбур зборуваа дека македонскиот јазик е бугарски дијалект и дека мнозинското население има бугарско потекло.












