Министерството за животна средина ќе организира јавна расправа за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола на цементарницата ТИТАН – Усје, на која ќе бидат поканети институциите, граѓанските организации и стручната јавност. Процесот доаѓа во период кога темата за индустриското загадување и квалитетот на воздухот е во силен фокус на јавноста. Од компанијата велат дека постапката се спроведува согласно законските прописи и во соработка со надлежните институции. Очекувањата се дека преку отворена дебата ќе се соочат аргументите и ќе се бараат одржливи решенија за заштита на воздухот во Скопје
Актуелната јавна дебата за квалитетот на воздухот и индустриското загадување повторно се фокусира на една од најголемите индустриски капацитети во земјата – цементарницата УСЈЕ. Министерството за животна средина и просторно планирање најави дека ќе организира јавна расправа во врска со постапката за обновување на А-интегрираната еколошка дозвола на компанијата, по барањето кое веќе е поднесено до институцијата.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, истакнува дека институцијата ја поддржува секоја форма на мирен протест и граѓански ангажман како легитимно демократско право, но смета дека суштинската расправа за ваквите прашања треба да се води во институционални рамки, со аргументи и транспарентни процедури.
Во таа насока, од Министерството информираат дека јавната расправа ќе биде отворена за сите засегнати страни. Покана ќе добијат претставници на граѓанските организации, граѓанските иницијативи, експерти од областа на животната средина, како и претставници на стручната јавност.
– Сметаме дека суштинскиот придонес се остварува преку отворен и аргументиран дијалог во институционални рамки. Граѓанскиот сектор е важен партнер во напорите за заштита на животната средина. Токму преку транспарентни процеси може да се изгради доверба во институциите и да се обезбедат одржливи решенија во интерес на граѓаните – вели министерот Хоџа.
Постапката за продолжување на дозволата се одвива во период кога темата за индустриските емисии и квалитетот на воздухот е во фокусот на јавноста, особено во Скопје и неговата околина. Еколошките организации и граѓанските иницијативи со години укажуваат на потребата од построга контрола на индустриските капацитети и поголема транспарентност во издавањето и обновувањето на интегрираните еколошки дозволи.
Од компанијата ТИТАН Усје, пак, велат дека постапката за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола се одвива во целост согласно законските прописи и во соработка со надлежните институции. Компанијата веќе ја поднела апликацијата до Министерството во рамки на предвидените рокови.
– При подготовката на апликацијата за продолжување на дозволата, компанијата во целост ги следи обврските и условите што произлегуваат од законските и подзаконските акти и соработува со сите надлежни институции – наведуваат од ТИТАН Усје.
Од компанијата посочуваат дека заштитата на животната средина е една од нивните основни вредности и дека се свесни за загриженоста на граѓаните во врска со квалитетот на воздухот. Според нив, компанијата внимателно ја следи јавната дебата и има намера транспарентно да придонесе кон решавање на проблемите.
– Како одговорна и транспарентна компанија, ТИТАН Усје работи согласно домашната регулатива и во своето работење ги применува најдобрите достапни практики во индустријата, кои важат и за компаниите во Европската унија – додаваат од компанијата.
Јавната расправа што ја најавува Министерството се очекува да биде еден од клучните моменти во процесот на одлучување за продолжување на дозволата. Во неа треба да се соочат аргументите на институциите, индустријата и граѓанскиот сектор, во обид да се најде баланс меѓу индустрискиот развој и заштитата на животната средина.
Токму таквиот баланс, според експертите, е еден од најголемите предизвици за еколошките политики во земјата – како да се обезбеди економска активност и работни места, а истовремено да се гарантира почист воздух и повисок квалитет на живот за граѓаните.
(С.Бл.)












