Од повеќе од 600 гнездечки парови на Балканот, денес остануваат само меѓу 50 и 55. Демир Капија е едно од значајните живеалишта на египетскиот мршојадец, критично загрозен вид птица, поради што нејзината заштита е важна за неговото зачувување

 

Популацијата на египетскиот мршојадец на Балканот бележи драматичен пад, а зачувувањето на неговите природни живеалишта е еден од клучните предуслови за неговиот опстанок. Според информациите што ги споделува „Екосвест“, од некогашните повеќе од 600 гнездечки парови, денес во Бугарија, Грција, Македонија и во Албанија се регистрирани само околу 50-55 пара. Тоа значи дека исчезнале повеќе од 90 проценти од некогашната популација, што го прави египетскиот мршојадец еден од најзагрозените видови птици на Балканот.

Во овој контекст, Демир Капија има особено значење, бидејќи претставува едно од живеалиштата што ги користи овој редок вид. Подрачјето е познато по своите исклучителни геоморфолошки формации, но и по богатата биолошка разновидност и по природните вредности што го прават значајно за зачувувањето на природното наследство на земјата.

Од „Екосвест“ посочуваат дека прогласувањето на Демир Капија за заштитено подрачје во категоријата споменик на природата би овозможило посилен институционален ангажман за зачувување на нејзините природни богатства и живеалишта. Постапката за прогласување на заштитено подрачје подразбира изработка на детална студија за валоризација на природните вредности, научно дефинирање на заштитните зони, подготовка на план за управување и спроведување јавни расправи. Во процесот се предвидува учество на надлежното министерство, локалната самоуправа, научната заедница и на граѓанските еколошки организации.

Целта е да се воспостави долгорочен и ефикасен механизам за управување со подрачјето, кој ќе овозможи зачувување на неговите геоморфолошки особености, биолошката разновидност и на слободнотечните реки, а истовремено ќе создаде услови за одржлив локален економски развој.

Покрај губењето и нарушувањето на живеалиштата, египетскиот мршојадец се соочува и со други сериозни закани, меѓу кои се труењето, електрокуцијата и судирите со електроенергетската инфраструктура, како и нелегалното убивање. Овие притисоци дополнително ја загрозуваат и онака малата популација на видот. Затоа заштитата на Демир Капија не е важна само за зачувување на нејзиниот уникатен природен пејзаж туку и за опстанокот на видовите што зависат од ова подрачје.

Зачувувањето на египетскиот мршојадец почнува со зачувување на неговите живеалишта. Прогласувањето на Демир Капија за споменик на природата може да биде значаен чекор за долгорочна заштита на едно од највредните природни подрачја во Македонија.

 

 

ИЗДВОЕНИ